Како што Самсунг се подготвува на 23-ти август во Њујорк конечно да го претстави новиот Galaxy Note 8, така во меѓувреме испливуваат се повеќе информации околу спецификациите на најновиот адут на јужнокорејската компанија.
Според аналитичарите на пазарот, се чини дека последните информации кои што ги пренесува VentureBeat се најверодостојни кога станува збор за наследникот на Galaxy Note 7.
Уредот ќе биде достапен во црна, златна, сива и сина боја, цената ќе изнесува околу илјада евра, а неговата продажба ќе стартува во септември.
Телото на уредот ќе го поседува сертификатот "IP68", што значи дека Galaxy Note 8 ќе биде отпорен на вода и прашина. Секако, неговиот изглед неодоливо потсетува на најновите Galaxy S8 и Galaxy S8 Plus, што е и очекувано, а разликите се видливи во некои детали како што се „аголните“ рабови на 6,3-инчниот AMOLED дисплеј со димензии 162.5mm x 74.6mm x 8.5mm.
Galaxy Note 8 ќе работи со најмоќниот Snapdragon 835 во Соединетите Американски Држави и Exynos 8895 чипсетот во остатокот од светот, ќе располага со „стандардни“ 6 GB RAM и 8 GB RAM меморија кај помоќните модели, како и со најмалку 64 GB интерна меморија со опција за проширување со microSD мемориска картичка.
Galaxy Note 8 ќе има две задни камери, и двете ќе бидат опремени со сензори од 12 мегапиксели. Широкоаголната камера ќе поседува отвор на бленда од f 1.7 и дуалпикселен автофокус, а телефото камерата ќе има f 2.4 бленда и 2х оптички зум. И двата сензори ќе бидат со оптичка стабилизација, а предната камера ќе доаѓа со 8 мегапиксели.
Исто така, новиот Galaxy Note 8 ќе може да се пофали со „најмодерната“ батерија со капацитет од 3,300 mAh која ќе има способност за брзо полнење преку USB Type-C.