Одбраната тврди дека употребата на вештачка интелигенција може да биде основ за жалба.
"AI" аватар пред суд
Вештачки генерирана верзија на починатата жртва во инцидент предизвикан од бес во сообраќајот се појави во судница за да ја изнесе сопствената изјава за последиците од злосторството – наводно, прв ваков случај воопшто.
Идејата да се користи "AI"-верзија на жртвата, Кристофер Пелки, дошла од неговото семејство, според обвинителството на округот Марикопа. Неговата сестра изјави дека две години работела на пишување на изјавата, но чувствувала дека тоа „не би било праведно“ за споменот на нејзиниот брат. Пелки беше застрелан и убиен во 2021 година за време на сообраќаен инцидент.
Така се родила идејата да се креира дипфејк аватар. Сестрата го напишала текстот, а за "CNN" изјави дека е сигурна „дека тоа е токму она што тој би го рекол“. Судијата Тод Ланг ја одобрил идејата и семејството го прикажало видеото со вештачки генерираниот Пелки во судницата. Во видеото, аватарот дури и бара поблага казна за својот убиец.
„Габриелу Оркаситасу, човекот што ме застрела: Штета што се сретнавме тој ден, под тие околности," изјавува дигиталниот Пелки. „Во некој друг живот, можеби ќе бевме пријатели. Верувам во прошка.“
Сепак, судијата изрече максимална казна – повеќе од 10 години затвор. „Ја слушнав таа прошка," рече тој. „Мислам дека беше искрена и ја одразува личноста за која слушнав денес.“
Одбраната, пак, тврди дека употребата на "AI"-аватарот може да претставува основа за жалба. „Иако судиите имаат широка дискреција кога станува збор за изјави на жртви, Апелациониот суд ќе треба да одлучи дали станува збор за грешка," рече адвокатот Џејсон Лам. Инаку, случајот веќе еднаш бил повторно разгледуван поради процесни пропусти.
Професорот по право на Државниот универзитет во Аризона, Гери Марчант, специјализиран за етика и нови технологии, предупредува на можен правен преседан:
„Гледате личност која зборува пред суд – а во реалноста таа е мртва. Тоа е дополнителен чекор кој може да нè одведе на опасна територија.“