Продолжува расправата за ребалансот: Пратениците поделени за кратењата на буџетот

Макфакс

18/07/2017

14:55

439

Големина на фонт

а а а

Во Комисијата за буџетот и финансирањето пратениците втор ден расправаат по предложениот ребаланс на буџетот кој, како што најави министерот за финансии Драган Тевдовски, е со цел да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

За пратениците од опозицијата, ребалансот е неприфатлив.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ смета дека од буџетот се скратени средства од 92 ставки кои се однесувале на важни проекти во образованието, здравството, инфраструктурата. 

„Министерот Тевдовски не е министер за енергетика да чувствува позитивна енергија.Тој и денеска требаше да биде тука и да објасни зошто скратил пари за важни ставки.На пример, скратил за инсулин, а на неговите пратеници им беа полни устите со пари за здравството. Помалку пари има и за армијата иако тврдеа дека војниците биле гладни и во стари униформи. Исто така, има кратења и во образованието, да видиме сега што ќе јадат студентите оти условите до вчера беа катастрофални по домовите? За сметка на овие кратења 926 милиони ќе отидат за вработување на шарените, пленумците и активистите за да може да се шетаат по шорцови во владата и да твитаат бесплатно како дошол живот во Македонија“, рече Стевананџија.

Патеникот на СДСМ, Влатко Ковачевски, пак, во реплика рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат лицемерно наместо конструктивно. Според него, кратењата се оправдани и треба да се реализираат затоа што поранешната власт, како што рече, трошела на непродуктивни проекти, како што се изградба на споменици, скапи автомобили и репрезентации.

„Колега Стевананџија, ова не е стенд ап комедија, туку сериозна расправа. Се однесувате лицемерно и неодговорно, за 11 години потрошивте 30 милијарди евра буџетски пари за непродуктивни проекти, за палми, врби и споменици. Трошевте на чоколадо додека народот немаше за леб. Сега тркалото се сврте. Се кратат луксузот, комодитетот, рекламите. Сега оваа Влада не може да го поправи она што вие го правевте со години. Самиот премиер си скрати од својата ставка 420 милиони денари, додека Груевски бара 20 телохранители“, рече Ковачевски. 

Инаку, комисиската расправа ќе трае 10 дена, 5 општа и останатите 5 се за амандманска расправа. Од 840 амандмани, 706 се на ВМРО-ДПМНЕ, а другите од партиите од албанскиот блок.



Спонзорирани линкови

Маркетинг