Од Самсунг иако преку официјално соопштение порачаа дека со новиот телефон се е во ред, сепак јужнокорејската компанија одлучи „дополнително да ги смири“ своите загрижени корисници.
Минатата седмица се појавија информации дека новиот Galaxy S8 на Самсунг има проблеми со „црвенкаст“ екран, но сепак на крајот се покажа дека проблемот не е хардверски, односно дека воопшто нема проблем со екранот на новиот флегшип модел на корејската компанија.
Од Самсунг објаснија дека корисниците кои што сметаат дека екранот на нивниот Galaxy S8 има „црвенкаст“ екран, можат многу лесно да го исправат тоа со подесување на параметрите на екранот во поставките на телефонот.
За дополнително да ги смират и задоволат сите оние кои што и натаму сметаат дека имаат проблем со „црвенкаст“ екран (или не знаат мануелно да ги подесат параметрите на екранот), од Самсунг одлучија во продукција да ја пуштат првата надградба на софтверот кој автоматски ќе го реши „проблемот“.
Многумина ова го сфатија како признание на Самсунг дека била направена софтверска грешка при производството на новите Galaxy S8 и Galaxy S8 Plus, меѓутоа јужнокорејците објавија соопштение и во врска со ова.
„Не, не постои никаков проблем со уредите. Надградбата на софтверот одлучивме да ја направиме поради незадоволните корисници. Првата надградба за најновите паметни телефони на Самсунг се очекува во текот на оваа седмица, но не е позната динамиката на дистрибуција, односно дали веднаш сите корисници во сите земји ќе ја добијат надградбата“.