Алекс Душебаев: Лазаров е еден од најдобрите бекови кои постојат во светот

Точка

27/03/2017

13:04

17.363

Големина на фонт

а а а

Алекс Душебаев е професионален шпански ракометар, син на ракометната икона и сега ракометен експерт - Талант Душебаев.

Душебаев, својата кариера ја започнал во младинскиот тим на Сјудад Реал, и во сезоната 2009/2010 се приклучил на првиот тим кој го водел неговиот татко, Талант Душебаев. На крајот на сезоната, тој го напуштил тимот и потпишал договор со клубот Натурхаус ла Роха.

По одиграни две сезони, Алекс преминал во редовите на Арагон и во истата сезона постанал најдобар стрелец во АСОБАЛ лигата. Во јуни 2013, тој потпишал за Атлетико Мадрид, каде тренер повторно бил неговиот татко, а набрзо потоа, Алекс потпиша двегодишен договор со македонскиот клуб, Вардар.

Во мај 2014 година, во изборот на специјализираниот портал "Хенбол планет", Душебаев е прогласен за најдобар млад ракометар во светот. Во соработка со порталот "Дерби", дознаваме за искуствата во Вардар, но и за животот во Скопје. Во продолжение, погледнете го интервјуто со Алекс Душебаев:


Точка: Сега доаѓа СЕХА лига, Фајнал Фор, какви се твоите очекувања за Вардар, кои се шансите, мислам дека прво играте со Загреб, а потоа подобриот од Веспрем и Брест? 

Душебаев: Добро, мислам дека, како секогаш, мораме да играме за победа, да добиеме на СЕХА лига. Но сигурно ќе биде многу тешко. Првиот противник ќе биде Загреб, со нив секој натпревар кој го изигравме во оваа сезона сме на половина, тие победија таму, ние победивме во Скопје, зашто секогаш сме на 50 насто, секогаш ни е тешко, зашто мислам дека предобро играат во одбрана. Многу добро бранат, имаат добри голмани исто така и играчи кои многу трчаат во контра напад. Инаку, мислам дека мораме да ги искористиме шансите кои ги имаме за да дадеме гол, зашто ако промашиме, ќе имаме многу проблеми со својот контранапад. 

Точка: Потоа веднаш доаѓа и четвртфиналето на Лига на шампиони, да не го спомнувам македонско првенство, тука е некаде, но главното ќе биде Лига на шампиони. Фајнал Фор како загревање, а потоа натпревар веројатно со Фленсбург, така? 

Душебаев: Фленсбург ќе игра со Брест, потоа ние најверојатно со Фленсбург, но ќе видиме. Мислам дека Брест исто многу добро игра оваа сезона, можеби нема такво име како Фленсбург, екипите од Германија или Франција, но мислам дека и тој е тешка екипа. Инаку, потоа ќе видиме. Знаеме дека Фленсбург сега е првак во германска лига, односно тие се подобри во секоја сезона, значи мораме да бидеме концентрирани зашто мислам дека во последно време кога Врањеш беше тренер тие многу се подобрија и тие сигурно сакаат да завршат убаво со овој тренер и мораме да бидеме подготвени, зашто ако се прваци во германска лига значи дека нема да биде лесно. 


Точка: Која е најголемата сила на Вардар, што е најдоброто кај Вардар, кој е главниот адут на Вардар за да може да го победи Фленсбург, да речеме што најмалку му одговара на Фленсбург од Вардар, каде е најголемата шанса? 

Душебаев: Добро, наша мотивација и наша желба е тоа што последните три години одигравме добро. Мислам дека имавме шанси да бидеме во Фајнал Фор, но не бевме. Оваа година целата екипа е попаметна и поподготвена. Оваа сезона сите мораме да бидеме таму, зашто нашата сила како екипа е концентрирана на тоа, сакаме да бидеме таму. Знаеме што згрешивме лани, значи оваа сезона сакаме да го искористиме тоа, да бидеме во Фајнал Фор. Знаеме дека првиот наптревар ќе биде во гости, знаеме дека мораме да изиграме добро, да имаме шанса потоа да ја искористиме шансата дома за да бидеме во Фајнал Фор. Ако имаме добар резултат во Германија или Белорусија, каде и да биде, имаме поголема шанса да го искористиме тоа во Скопје и да завршиме со тоа. 

Точка: А на неутрален терен, во Келн? Која е шансата да се стигне до титулата? 

Душебаев: Мислам дека оваа година имаме шанса. Ако влеземе во Келн, сите имаме иста шанса, без оглед кој ќе биде таму, од овие четири екипи секоја има 25% шанси. Таму нема фаворити, зашто тоа трае 48 часа за да се изиграат два натпревари, кој ќе биде подобар на тие два дена, во тие 48 часа, тој ќе победи. Овие 5-6 години се игра во Келн , но секоја година тие кои беа фаворити, кои луѓето велеа дека имаат најголема шанса никогаш не беа прваци. Секогаш добиваа екипи како минатата сезона Кјелце, како пред две години, кога Фленсбург дојде во Фајнал Фор. Некогаш не знаеш кој ќе биде најдобар во тој момент. Ако бидеме таму, но прво мораме да влеземе, мислам дека сите имаме исти шанси. 


Точка: Во последно време се зборува дека Раул би можел да биде во македонската репрезентација. Каков е твојот однос со Раул бидејќи тој уште на времето беше помошник на Талант, па, да речам, ти дојде во Вардар во негово време, се изгради како играч. Каков е твојот однос, како ти го гледаш Раул како тренер? 

Душебаев: За мене е супер. За мене тој е еден од најдобрите тренери моментално во Европа и мислам дека тој е многу добар тренер кој ќе ти помогне со тактиката, ќе ти помогне да ја развиеш играта, што мораш да го правиш секогаш како играч. Мислам дека во оваа последна сезона, не само јас туку и помладите и постарите играчи, секој ден сме малку подобри. 

Раул ќе треба да ни помогне во тоа, да ги искористиме нашите шанси, да знаеме што правиме подобро и уште повеќе да се подобруваме. За мене тој е моментално еден од најдобрите тренери кој што сум го имал и многу сум среќен што го имам.

Точка: А него како го гледаш во македонската репрезентација, бидејќи сега нели Шпанија играше со Македонија во Мец… 

Душебаев: Мислам дека за Македонија би било добро, зашто има многу млади играчи сега, нова генерација, има многу талентирани млади играчи, значи мораат да тренираат, а Раул мора да го искористиме да им помогне на младите играчи за неколку години да бидат подобри и да имаат шанса за неколку години со Македонија да освојат некој медал или титула.


Точка: За догодина, мислам дека ти веќе потпиша со Кјелце?? Ако станете шампиони со Вардар, ќе ти биде жал? 

Душебаев: Никако, јас ќе бидам среќен ако тоа се случи. Јас овие четири години многу уживав, ми беше многу убаво во Скопје, во Македонија, во Вардар. Овие четири години ми беше супер и сакам да завршат најубаво што може. Значи, прво да се пласираме во Фајнал Фор, таму одевме да се бориме во последниве четири години, и сакам конечно оваа сезона да ја постигнеме таа цел. И потоа ако можеме најубаво да завршиме и да победиме во Келн, тоа би било супер.

Точка: Да преговараше после Фајнал Фор, како шампион, дали пак ќе се одлучеше за Кјелце или ќе решеше да останеш во Вардар? 

Душебаев: Не, не, јас сум го решил тоа пред една година. Тоа беше моја цел во тој момент и тоа што го сакав. Знам дека оваа сезона ќе си одам во Кјелце, а потоа ќе видиме, никогаш не се знае.

Точка: Дали сонуваш за некој тим, да речеме Барселона или нешто слично? 

Душебаев: Не, баш како тим немам, секогаш сакам да бидам во најдобрите, најквалитенти екипи. Бев и сега сум во една од најдобрите, во Вардар, ќе си одам во Келце?? која е друга од најдобрите, но мене секогаш ми е целта да бидам во најдобрите екипи, како што е Барселона, ПСЖ, Кил, како Веспрем, а ова ми е најубаво, но најважно е да знам дека во таа екипа ќе ми биде добро и ќе имам шанса да ја освојам оваа титула која сакам да ја добијам.

Точка: Беше интересно дека Македонец, Кире Лазаров, игра десен бек во Барселона, а Шпанецот Алекс Душебаев игра десен бек во Вардар? 

Душебаев: Да, тоа е интересно. Мислам дека Кире за мене е еден од најдобрите бекови кои постојат во светот, играч кој има страшен шут, кој е многу квалитетен. Може да решава за нападот, тој е еден од најбитните играчи во Барселона, тоа многу значи. И јас секогаш кога бев тука исто така сакав да и` помогнам колку што можам на екипата. Секогаш е убаво кога можеш да помогнеш некогаш.

Точка: А за што сонуваше кога беше мал? Некои деца сакаат да бидат пожарникари, други полицајци, Џемс Бонд… 

Душебаев: Не, не, јас мислам дека можеби тоа е затоа што и татко ми беше ракометар, но секогаш сум сакал токму тоа, да играм со репрезентација, да освојам златен медал на Олимпијада, или светско првенство, а со екипата да ја освоиш Лига на шампиони. Тоа за мене како играч е највисокото нешто што може да се освои.

Точка: Значи, од малечок сонуваше за спортски успеси? 

Душебаев: Да, да, или фудбалер. И тоа исто многу го сакав кога бев млад, или кошаркар, секогаш сум бил поврзан со спортот.

Точка: Спомна дека ти беше убаво тука, во Македонија овие години. Дали имаш некои посебни спомени? Дали си засадил дрво во Македонија, дали си направил нешто што ќе те влече тука повторно, убави спомени што ќе имаш? 

Душебаев: Не, убави спомени имам од секој ден. Првото нешто кога бев во Шпанија, имав многу понуди, но потпишав тука, во Вардар и потоа почнав да размислувам како ќе биде таму зашто никогаш не знаев точно каде е Македонија кога дојдов. Многу убаво ми беше, дека Скопје е толку близу до Шпанија со тоа што луѓето секогаш сакаат да бидат во кафулиња, на сонце, значи, дека уживаат многу. Тоа ми беше убаво зашто јас никогаш не сум живеел надвор од Шпанија и не знаев точно како ќе биде, какви ќе бидат луѓето. Кога дојдов во Скопје, ми се допадна од прв поглед.

Точка: Да издвоиш некое македонско јадење кое ти се допаѓа? 

Душебаев: Па, на пример плескавица, исто така и ајвар многу ми се допаѓа. Тоа е една од најдобрите работи. На пример, го има тоа во кафаната на Стојанче Стоилов и таму многу одам. Мислам дека во Македонија има многу убаво јадење, има многу специјалитети од македонската кујна и тоа е многу убаво.


Точка: Си имал ли некои тешкотии, еве, на пример, со учење на јазикот можеби? Сега во Полска, можеби ќе го заборавиш?  

Душебаев: Да, размислував за тоа. Но сакам кога ќе одам таму, сега да учам полски. Мора да се учи и тој јазик. Ќе имаме таму и Хрвати во следната сезона, знам дека не е исто, но морам да зборувам, да не го заборавам. Секое учење, кога ќе го научиш некој јазик, многу е битно дека можеш да зборуваш со другите луѓе кои го зборуваат тој јазик, инаку со текот на времето, може не за неколку месеци или година, но за четири-пет години, кога не вежбаш, малку по малку ќе го заборавиш. 

Точка: Кој ти е најтежок збор во македонскиот јазик, има ли некој интересен? 

Душебаев: Многу ми е интересно кога зборуваат Македонците меѓу себе, зашто може да се каже дека еве, ние, лошо го зборуваме. Но многу ми е интересно кога гледам како зборуваат некои чисти Македонци меѓу себе, многу ми е интересно, зашто користат различни зборови. Не како жаргон, туку поради потеклото, на пример Диви (Петре Ангелов) е од Кавадарци, понекогаш ништо не го разбирам! Потоа Владо Недановски, тој е од друг град и тој кажува понекогаш некој збор што не го сфаќам. Не знам дали мене ме зафркаваат или не. Тоа ми е многу смешно. Исто е така во Шпанија, не зборува исто тој што е од Мадрид и тој што е од Барселона. Секој зборува по свое и има причини заради кои не се разбираат толку.

Точка: Каков ти е односот со навивачите, со публиката, со комитите? Утре ќе дојдеш пак во Скопје, можеби во друга екипа, па пак ќе треба да се видите. Како мислиш дека навивачите ќе го поднесат твоето заминување? 

Душебаев: Никогаш не се знае, но јас цело време, откако дојдов, од првиот ден, навивачите многу ми помогнаа и ме поддржуваа. Најинтересно е тоа што кога дојдов на првиот натпревар во СЕХА лигата, изигравме против Металург, јас не знаев што ќе ме чека. Сум видел на снимки, но не знаев што значи тоа дерби. Кога ги видов навивачите Комити, ама не само Комити, туку сите навивачи од Скопје. Мислам дека првиот ден ми остави најголем впечаток. Во Шпанија може да се навива, но не се навива толку, можеби на фудбал понекогаш, но во ракомет не се навива толку живо. Многу ми беше убаво кога го видов тоа првпат.


Точка: Друго, што се однесува до Македонија, каде се прошета, во некои други градови? 

Душебаев: Бев и во други градови, во Охрид, на пример, таму ми беше многу убаво. Бев во Прилеп бидејќи таму игравме, бевме во Струмица, но најмногу ми се допадна Охрид. Убаво е местото и езерото. Потоа на Матка бевме, тоа е тука блиску, и исто ми беше интересно. Се движев низ цела Македонија по малку.

Точка: Те гледам на Твитер, го шеташ Скопје, се сликаш низ Скопје, го запознаваш повеќе, како да не ти е планот да си одиш… 

Душебаев: Не, не, мислам дека тоа може да е твој град, во кој живееш, но секогаш кога имаш слободно време, можеш да се прошеташ малку, за да видиш нешто покрај можеби си поминал, но не го видел и потоа го гледаш и кажуваш колку е интересно тоа.

Точка: На Твитер видов дека еднаш имаше споделено нешто за децата болни од рак, но друго сакав да прашам. Дали можеби некогаш имаш направено некоја добротворна акција во Македонија, или некоја хуманитарна акција, да се помогне на некого во Македонија. Дали имаш такво искуство? 

Душебаев: Такво искуство токму во Македонија не, но имаме нешто, на пример од младинската екипа бараат секогаш патики, тоа е да даваме патики, на пример јас носам 46 и пол, другите носат 47. Кога правиме промена на патики во нашата екипа, Стојанче Стоилов го води тоа зашто е многу познат. Меѓутоа имаше и еднаш за едно момче од Комитите, не го знам точното име, кое имало рак, помогнавме сите со донации. Ако можеме да помогнеме на некои луѓе, секогаш го правиме тоа. Не само јас, туку цела екипа.

Точка: Тоа сакав да го кажам. Вие сте дојдени тука, па некако да му вратите на народот, да помогнете. 

Душебаев: Да, да, да вратиме. Така е, на народот секогаш кога можеме, кога треба наша помош, секогаш сакаме да помогнеме.


Точка: Што ти недостига најмногу овде од Шпанија? Има ли нешто што најмногу ти недостига? 

Душебаев: Добро, понекогаш некое јадење, „хамон“ многу ми се допаѓа, тоа е јадење од шпанската кујна. Понекогаш ми фали, но не е толку страшно.

Точка: Се живее и без тоа. 

Душебаев: Да, се живее и без тоа.

Точка: Колку Шпанци тука успеа да запознаеш надвор од ракометот? Дали дошле и некои други Шпанци, дали навивачи да запознаеш, или заради тебе да дошле да те побааат? Дали си имал некое такво искуство? 

Душебаев: Да, да, ми доаѓаат и многу другари да ме гледаат и не само мене, туку и на другите шпански ракометари. Инаку, сите кога доаѓаат сакаат да ги видат натпреварите кога е полна салата, најбитно е секогаш да се дружиме со некого, со навивачи кои се во Скопје и убаво ни е, зашто многу луѓе од Шпанија кога ќе дојдат овде, го гледале натпреварот на телевизија, но не знаат точно како е, и потоа сите ми кажуваат исто, дека никогаш не виделе толку луѓето да навиваат, во текот на цел натпревар, сите 60 минути. Многу е убаво кога ќе го чуеш тоа.

Точка: Мислам дека ти си дојден во Скопје со девојката.  

Душебаев: Да.

Точка: Немаше шанса да гледаш на страна по македонски девојки, но дали ти се допаѓаат македонските девојки? 

Душебаев: Да, да. Ми се допаѓаат. На цел Балкан се убави. Не се сите исти на лицето, но сите се убави. Бидејќи имам своја девојка, не го гледам тоа толку, но мислам дека е интересно кога ќе се прошеташ и ќе видиш убави луѓе, кои се убаво дотерани.

Точка: Како изгледа еден твој работен ден, кога си во Скопје, како изгледа една твоја работна недела. 

Душебаев: Зависи. На пример сега тренирам многу, и секогаш сабајле одам во теретана за да се чувствувам добро, и потоа ако имам време да одиме до центар, до некое кафуле, да јадеме таму нешто, и потоа пак, зашто Раул многу сака да гледа видео, значи пред тренинг гледаме видео, да се анализираат сите наши грешки и на противниците, и потоа тренираме. Се враќам дома, и зависи колку сум изморен, може да се прошетам со девојката, да одиме некаде, во некој трговски центар, да одиме да вечераме некаде и тоа. Кога сме слободни можеме да одиме во Солун или во Охрид, ако имаме повеќе дена, да одиме некаде…


Точка: Колку слободни денови има во сезона? Имаш еден или два неделно? 

Душебаев: Нормално е, ако играме сабота на пример, да имаме недела слободно, и толку, тоа е тоа што го имаме. Ако имаме на пример, сега, бидејќи се пласиравме први, не играме осмина финале, го имаме сега Толту?? имавме од среда до понеделник и одевме во Шпанија, малку одморивме таму. Но нормално е да имаш во целата сезона два три викенда цели, да одиш некаде да одмориш, да се прошеташ и тоа е тоа.

Точка: А кога нема сезона, кога одмараш сосема, како тогаш ти изгледа денот? Колку тогаш мораш да работиш или… 

Душебаев: Не, не, нормално секогаш кога ќе заврши, точно на почеток, секогаш си одморен, но потоа месец пред тоа започнавме со подготовки, да работам, да се спремам за на почеток од подготовките да изгледам добро.

Точка: Само на крај, колку е Талант строг како тренер? 

Душебаев: Добар е, за мене е супер.

Точка: Дали многу ве кара или… 

Душебаев: Не, мислам дека можеби луѓето го виделе дека понекогаш се лути, се кара, но не толку колку што мислат луѓето. За мене тој е најдобар тренер кој што сум го имал и за мене тоа беше многу битно кога потпишав во Келце зашто знаев дека тој ќе биде тренер. За мене не е најбитно тоа што ми е татко, туку што како тренер, како Раул, може да го извади од играчите најдоброто што го имаат во себе. Тоа ми е најдобро.

Точка: Многу ти благодарам, многу среќа, да се вратите како шампиони. 

Душебаев: Фала.


Интервјуто го водеше: Александар Табаковски



Спонзорирани линкови

Маркетинг