Ерменскиот холокауст: Османлискиот геноцид на првиот христијански народ за кој светот упорно молчи

Точка

03/06/2016

12:37

14.784

Големина на фонт

а а а

Германскиот Бундестаг во текот на вчерашниот ден едногласно ја усвои резолуцијата за признавање на турскиот геноцид над ерменскиот народ пред повеќе од 100 години.

Германците со признавањето на геноцидот врз Ерменците повторно ја отворија старата рана, пред се на Турција чии што власти, упорно негираат дека османлиите систематски извршиле масакар над 1,5 милиони Ерменци. За што станува збор?

Ерменскиот геноцид бил масовен масакар на ерменскиот народ на просторот на денешна Турција, а токму поради тој масакар е измислен и зборот „геноцид“ од страна на полскиот адвокат Рафаел Лемкин. Да се навратиме далеку низ историјата...


Ерменците се најстариот христијански народ на светот. Кралството на Ерменија го усвоило Христијанството како службена религија уште во четвртиот век. Со текот на годините, големото кралство на Ерменија се намалувало, а на неговото место доаѓале големите царства – Отоманското и Персиското. Еден дел (Источна Ерменија) бил заземен од Русија, но сепак, најголемиот дел од територијата која што ја населувале Ерменците паднала под окупација на Османлиското царство.

За време на Првата светска војна, над Ерменците е спроведен систематски геноцид и од тогаш Ерменците се раселени низ светот. По завршувањето на Првата светска војна во 1918-та година, основана е првата Ерменска република која била опкружена со непријатели, па набрзо станала дел од СССР. Ерменија конечно по распаѓањето на СССР, после 600 години чекање ќе стане независна држава во 1991-ва година.

Најтешкиот период во историјата на Ерменскиот народ

Најтешкиот период Ерменците го поминуваат за време на подемот на Османлиите. Од март 1915-та година трае големиот прогон на ерменскиот народ во рамките на тогашното Османлиско царство, прогон кој трае се до 1923-та година кога Османлиското царство пропаднало, а на неговите рушевини се издигнала денешна Турција. До 1923-та година, целата ерменска популација на просторот на Анатолија буквално исчезнала.

Заштитата на Ерменците во рамките на Османлиското царство била никаква, затоа што Ерменците биле христијани и со тоа граѓани од втор ред. Додека Османлиското царство било во подем, а народот бил богат и задоволен, немало причина за загриженост, но откако царството започнало да пропаѓа и да ги губи своите територии, младите интелектуалци – Ерменци започнале да се „будат“.


Тогаш во Османслиското царство сите националитички движења се сметале за закана, посебно откако балканките народи со востанија и војни е ослободиле од османлиската окупација. Откако Ерменците започнале да ги бараат своите права, султанот Абдул Хамид Втори одлучил да спроведе кампања на застрашување на Ерменците, а со тоа започнале и прогоните и убиствата.

Сепак, во тоа време, Младите Турци вршат државен удар и доаѓаат на власт. Станува збор за нова генерација на Турци кои што сакале да основаат голема турска република по примерот на западните земји. Во движењето владееле две струи, една либерална и уште една, далеку помногубројна – националистичка. После превземањето на власта, Отоманското царство набрзо формирало сојуз со Германија и Австро-Унгарија против сојузничките сили – Русија, Велика Британија и Франција.

Додека Отоманското царство претрпувало порази на фронтот, на домашна сцена веќе се случувал масакар на ерменскиот народ. Десетици илјади мажи, жени и деца биле одведени на маршеви на смртта, стотици километри кон сириската пустина. На патот кон пустината имало страшни злосторства, од силувања до масовни убиства и измачувања.


Геноцидната депортација на комплетната ерменска популација е сокриена под програмата „преселување“. Маршевите на смртта најчесто ги напаѓале убијци кои што биле испраќани од властите да ги убиваат цивилите. Се било диригирано од властите, а убијците намерно биле ослободувани од затворите за да убиваат Ерменци.

Ерменците кои што биле испраќани на маршевите на смртта не смееле да конзумираат вода и храна со цел што побрзо да умрат во пустината. Тие кои што по некое чудо ќе преживееле на маршот до денешна северна Сирија, биле сместувани во концентрациони логори, а подоцна повторно биле терани да заминат на марш кон јужна Сирија – пат кој едноставно никој не можел да го преживее.

1,5 милиони факти дека Османлиите извршиле геноцид

Сето тоа резултирало со смрт на околу еден и пол милиони Ерменци, а кога Турција прогласи република во 1923-та година и доби меѓународно признание, Ерменското прашање стана заборавено, а остатокот од светот ги затвори очите.

Популацијата на историска Ерменија на просторот на денешна Анатолија е избришана. Народот кој преку 3 илјади години ја населувал Ерменската висорамнина ја загубил својата татковина. Тие кои што преживеале, успеале да се преселат насекаде на светот, па затоа денес имаме голема ерменска дијаспора која што живее во преку 20 земји.


Што се однесува до Турција, таа остана лишена од било каква одговорност за ова страшно злосторство. Сите знаат дека најголемиот прогон на 20-тиот век, холокаустот на Евреите го извршила нацистичка Германија. Но, за разлика од ерменскиот геноцид, холокаустот на Евреите денес е дел од колективната свест на целиот разумен свет, па денес Германија воопшто не го негира и оправдува тоа.

Германците вчера со признавањето на геноцидот на некој начин покажаа дека признавањето на истиот е нешто што денешна Турција мора да го помине. Исто како што и Германија мораше да помине низ процес на де-нацификација, така ќе мора да се случат и промени и во Турција.


Спонзорирани линкови

Маркетинг