Фронтера - Првиот семинар за социјално претприемништво во Македонија

Точка

15/05/2016

14:27

3.689

Големина на фонт

а а а

Ова е прв настан на Фронтера во Македонија. Преку најразлични активности учесниците ги развиваа своите бизнис идеи за социјално претприемништво под менторство на нашиот тим, експерти од Македонија.

Фронтера e мрежа на волонтери, без вработени, која соработува со локални и меѓународни партнери во областите на развој на заедницата и развој на социјалното претприемништво. Ова е паневропска иницијатива за промоција на соработка помеѓу младите генерации во поранешни конфликтни општества, преку организирање на големи заеднички вечери и тренинг кампови за социјално претприемништво.


За почеток, Фронтера цели да организира три настани во балканскиот регион, како регион некогаш обременет со конфликти, а денес со сиромаштија, невработеност и одлив на млади карди. Крајната цел е формирање заедница на млади луѓе, тренери и експерти кои ќе помогнат и ќе пружат поддршка во започнувањето на заеднички бизниси или кооперативи во југозападниот регион на Република Македонија.


Основата на оваа заедница е замислено да се постави преку три важни чекори. Првиот беше организирање целодневни групни активности, проследени со заедничка вечера на повеќе од 100 млади луѓе од Охрид, Струга и регионот, во чија подготовка се вклучија и самите учесници. Вториот чекор е Теракампот, кој претставува тродневен тренинг за социјално претприемништво. Во Теракампот учествуваа 30 млади луѓе, кои меѓусебно формираа тимови околу заеднички идеи во текот на тренингот. Најпосле, третиот чекор е креирање на дигитална платформа на таканаречена економија на споделување (Comunios.com) во која би се вклучиле не само сите учесници на настанот, туку и други заинтересирани луѓе од регионот кои сакаат и можат да споделуваат вештини, добра и искуства.




Првиот ден се пловеше со кајчиња по Охридското езеро која заврши со вечера во Велестово подготвена од врвните кувари Македонија, Албанија и Косово предводени од Влатко Огненовски. Вториот ден, односно првиот ден на Терракампот, учесниците го посетија Вила Дихово каде што беше подготвена традиционална македонска храна. Потоа учесниците се искачуваа по падините на планината Баба. Третиот и четвртиот ден интензивно се работеше на развивање на бизнис идеи во хотел Солферино во Струга.




Деновите завршуваа со заеднички подготвена вечера, под будното око на познатиот готвач Влатко Огненовски. "Заедничката трпеза и храната имаат и симболична порака во однос на сѐ она што ги поврзува луѓето", вели координаторката на Фронтера Македонија, Елена Б. Ставревска.







Младите можат да помогнат и со приклучување кон дигиталната платформа Comunios, чија промоција ќе следи после активностите во Охрид и Струга. Comunios е платформа за меѓусебно споделување добра, услуги и знаење помеѓу луѓе кои живеат во близина едни на други.