Газдата на агрегаторот „Тајм.мк“ за три години профитирал 728.500 евра. Парите ги прави со фирма што има само тројца вработени, а дејноста е да реобјавува вести кои ги креираат новинари и ги објавуваат информативните портали во земјава кои ги плаќаат новинарите.
Дали ова беше лајт мотивот на повеќе од 40 сопственици на портали да побараат „Тајм.мк“ да престане да ги објавува нивните вести без плаќање. Години наназад „Тајм.мк“ објавува вести кои не ги продуцира туку само ги превзема од портали и тоа го прави, во многу случаи, без да плати ниту денар!!! Но затоа пак од реклами „Тајм.мк“ за три години наплатил 1,1 милиони евра
Најчитаниот агрегатор на вести „Тајм.мк“ лани, превземајќи и реобјавувајќи вести кои ги креираат новинари на македонски портали, остварил приход од 426.000 евра. При тоа лани нето добивката на агрегаторот на вести „Тајм.мк“ изнесува 303.500 евра и е за 37 отсто повисока во споредба со 2023 година, покажуваат официјалните податоци достапни во базата на ЦРМ.
За период од три години агрегаторот „Тајм.мк“ инкасирал речиси 1,1 милиони евра. Анализата на податоците и соодносот приход и профит покажува дека се работи за високо профитабилна компанија. Затоа што лани профитот во приходот учествувал со 71 отсто, во 2023 година од приходот како добивка на газдата Игор Трајковски му останале 64 отсто, а во 2022 година профитот е 67 отсто од приходите.
Интересно е и структурата на расходите на друштвото „Тајм – Борг“ ДООЕЛ Скопје. Најмногу пари лани биле потрошени на плати за тројцата вработени односно 48.600 евра. За данок на добивка друштвото платило 34.200 евра лани. За останати деловни трошоци се потрошени 28.500 евра уште 8.000 евра за амортизација. Сума сумарум трошоците на издавачот лани изнесувале околу 120.000 евра.
Според достапни податоци сопственикот лани си наплатил дивиденда во износ од 221.800 евра.
Извор: „Фактор.мк“