Германскиот началник за одбрана, генерал Карстен Бројер, наредил германската армија да биде целосно опремена со оружје и друг материјал до 2029 година, според документ до кој дошол Ројтерс.
До 2029 година, Русија би можела да ги обнови своите сили доволно за да нападне територија на НАТО, според процените на Бројер и други високи воени претставници на НАТО. Во документот, насловен како „Директива за приоритети за зајакнување на подготвеноста“, потпишан од Бројер на 19 мај, се наведува дека Германија ќе ја постигне целта со помош на средствата што ќе бидат акумулирани по олеснувањето на правилата за задолжување во март.
Министерството за одбрана во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар. Во директивата, Бројер ги утврдува приоритетите за оружјето што треба да се набави или итно да се произведе, делумно отсликувајќи ги приоритетите претходно утврдени од НАТО.
Приоритети: Воздушна одбрана и прецизни напади
Меѓу нив, Бројер го наведува зајакнувањето на германската воздушна одбрана, особено во пресретнувањето на беспилотни летала. Минатата година, извори за Ројтерс изјавија дека НАТО ќе побара од Берлин барем четирикратно да ја зголеми својата воздушна одбрана, од системи со долг дострел, како што е „Патриот“, до системи со краток дострел.
Друг приоритет е можноста за извршување на напади со длабока прецизност, се наведува во документот, ефикасно погодувајќи цели на растојание од повеќе од 500 километри и далеку зад непријателските линии.
Покрај обновата на германските резерви на муниција, Бројер ѝ наредува на Германија да ги зголеми своите цели за резерви од сите видови муниција. Други цели вклучуваат брзо проширување на германските капацитети за електронско војување и воспоставување на отпорен систем на „офанзивни и одбранбени способности“ во вселената.
Во говорот кон средината на мај, шефот на армијата Алфонс Мајс рече дека големата социјална и индустриска мобилизација значи дека руските сили брзо ја зголемуваат огневата моќ. „Најдоцна до 2029 година, руските сили ќе бидат способни за конвенционална агресија од големи размери на територијата на НАТО“, рече тој. „Но, тие можат да почнат да нè тестираат и многу порано, додаде.
Шефот на украинската разузнавачка служба: Русија би можела да ја нападне Европа 2 до 4 години по завршувањето на војната
Русија би можела да ги обнови своите борбени капацитети и да започне агресија против Европа во рок од две до четири години по завршувањето на војната во Украина, изјави шефот на Службата за надворешно разузнавање на Украина (СЗРУ) Олех Ивашченко во интервју за „Укринформ“.
„Доколку санкциите бидат укинати, процесот на вооружување ќе се одвива многу побрзо“, рече Ивашченко, додавајќи дека Киев веќе ги споделил своите процени со европските партнери.
Западните функционери претходно дадоа слични процени, предупредувајќи на растечката закана од отворен конфликт меѓу Москва и НАТО по завршувањето на војната на Русија против Украина.
Руската армија во моментов е интензивно ангажирана во Украина и трпи големи загуби во човечка сила и опрема. Сепак, командантот на американските сили во Европа, Кристофер Каволи, уште во април предупреди дека Русија ги обновува своите сили многу побрзо отколку што претходно се очекувало. Украинската војска тврди дека Русија досега претрпела речиси еден милион жртви – убиени, ранети или на друг начин онеспособени.
Западните партнери на Украина, особено САД и ЕУ, се обидуваат да ја ограничат способноста на Русија да ги обнови воените капацитети преку строги санкции што ги прекинуваат синџирите на снабдување и ја задушуваат руската економија.
Вашингтон пост: Русија ја губи предноста на бојното поле
Според американските, европските и украинските претставници и воени експерти, Русија ја губи својата воена предност на бојното поле, што се користи како аргумент за дополнителен притисок врз Москва за да се присили да прифати прекин на огнот, објави „Вашингтон пост“.
„Русија сè уште многу бавно зазема делови од територијата, но по цена што не е одржлива на долг рок“, рече Ричард Баронс, поранешен командант на Здружената команда на британската армија.
Украински безбедносен функционер за „WP“ изјави дека Русија не успева да напредува и покрај бројната супериорност и дека забавувањето на офанзивата е делумно резултат на украинската операција во Курската област, која имаше за цел да ги пренасочи руските ресурси од фронтовската линија.
„Русија не успева да освои нова територија, а таква е ситуацијата од крајот на украинската контраофанзива“, рече тој, мислејќи се на обидот на Украина да ги врати окупираните територии во 2023 година.
„И покрај тоа што имаат сооднос од три спрема еден во војници – можеби дури и повисок кога станува збор за системи за оружје – тоа сепак не е им е доволно“.
Според „Вашингтон пост“, западните експерти проценуваат дека Русија може да остане без тенкови во следните неколку месеци.
„Русите можат да продолжат да се борат, но нивната војска со текот на времето ќе станува сè помалку механизирана, а тоа става временско ограничување на одржливоста на нивната сегашна стратегија“, рече Џек Ватлинг, виш аналитичар за копнено војување во лондонскиот Кралски институт за одбранбени студии (RUSI).
Баронс додаде дека Русија останува без можност да спроведува големи офанзиви.
„Многу малку е веројатно дека руската војска моментално има опрема, човечка сила, обука и логистика потребни за офанзива што би ги пробила украинските линии“ рече тој.
Со оглед на овие пречки, неколку функционери веруваат дека сега би бил најсоодветниот момент за координиран притисок врз Русија, посилен од кога било досега од почетокот на војната.
Според мајскиот извештај на Агенцијата за одбранбено разузнавање на САД (ДИА), Путин сè уште верува во руска победа во Украина, вклучително и целосна окупација на четири украински региони.
Ова може да се види во тактиките на Русија – одложување на мировните преговори, а во исто време интензивирање на смртоносните напади врз Украина. Трамп, само неколку дена по двочасовниот телефонски разговор со Путин, призна дека рускиот лидер не е заинтересиран за мир бидејќи верува дека ја добива војната.
„Путин верува дека времето работи за него и дека Украина крвави побрзо од Русија“, изјави висок европски функционер.
Сепак, некои веруваат дека Путин го темели својот оптимизам врз извештаите од подредените кои ги потценуваат растечките руски проблеми.
„Мислам дека ги преценуваат моменталните руски“, рече еден висок европски функционер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 23 мај изјави дека одолговлекувањето на мировниот процес од страна на Путин е „исмејување на целиот свет“.
„И дефинитивно дојде време дополнително да се зголеми притисокот врз Русија“, додаде тој.