Голем број крави биле евакуирани поради опасност од лизгање на земјиште и одрон на карпи.
Како што пренесоа странските медиуми, кравите биле евакуирани со транспортни возила, пеш, па дури и со хеликоптер, а покрај нив и стотици луѓе биле евакуирани од алпското село во јужна Швајцарија поради страв од лизгање на земјиштето и одрон на карпи.
Блатен, селото со околу 300 жители во долината Лечентал, се наоѓа на патот на потенцијална лавина од карпи, стравуваат геолозите.
Планинското село во подножјето на планина, било целосно евакуирано пред една недела од безбедносни причини.
Околу 300 жители морале да ги напуштат своите домови во рок од 90 минути, откако геолозите во Швајцарија утврдиле дека огромни карпи можат да се одвојат од карпестиот гребен под врвот Бичхорн висок речиси 4.000 метри.
„Сите успеаја да најдат приватно сместување кај роднини или пријатели или во хотели. Засегнатите туристи беа преместени во блиските хотели“, рече Матијас Ебенер, портпарол на локалните власти.
Свлечиште може да го погоди селото, па дури и да го уништи.
Инаку селото Блатен се наоѓа на надморска височина од 1.540 метри и со денови е целосно празно, а туристи веќе нема.
Според локалните власти причината за сегашната опасност може да биде претстојното топење на снегот на надморска височина од 2.500 метри и повеќе, а сè уште не е познато кога 300-те жители, како и нивните крави, ќе можат да се вратат во своите домови.