Вака изгледа белата руска бајка...

Точка

28/01/2016

14:33

10.972

Големина на фонт

а а а

Додека снегулките паѓаат на врвовите на Кремљ и романтичните цркви, на гостите воопшто не им пречи "дебелиот минус"...

Бог е високо, но Москва не е далеку... После нешто повеќе од два часа возење со авион, се пристига во најголемата европска престолнина. Со дванаесет милиони жители, широки булевари, беспрекорен метро-систем и 38 плоштади претворени во вистински зимски бајки, Москва е место на коешто дефинитивно треба да се дочека почетокот на годината.


Во време кога се расклопуваат дрвените куќички од божиќните саеми во градовите ширум Европа, во Москва тукушто се поставуваат лампиони од мраз, а од мраз се градат и цели палати, дворци, тврдини и цркви... Свечената атмосфера поради Рождеството, како што Русите го нарекуваат Божиќ, во Москва трае и понатаму, пишува b92.net.

Лизгање со Чајковски

Покрај звуците на "Валцерот на цвеќето" од Чајковски, лизгалиштето пред театарот Бољшoј е секогаш полн со девојчиња со црвени носиња, додека рoдителите размислуваат за топол чај којшто се нуди на Црвениот плоштад.


А на чекор од лизгалиштето, речиси секоја вечер под светлата на рефлекторите професионални лизгачи го изведуваат "Лебедово езеро" и се нижат украсени куќички на коишто се продаваат шарени, дрвени и рачно изработени руски сувенири. Историскиот музеј, најфотографираната црвена зграда на светот, е совршена позадина пред која на Плоштадот Мањеж се наоѓа билборд на којшто среќна Нова година посакуваат Петар Велики, Катарина, Пушкин, Путин...


Русите се буквално во сè сосема свои, па така и во однос на средноевропските држави се разликуваат и по начинот на којшто ги организираат и зимските базари. Во Москва дури 60 елки се тематски украсени од страна на младите руски уметници, сè во стилот на плоштадот на којшто се наоѓаат. Поставен е и шест-километарски светлечки тунел како празничниот дух би се почувствувал буквално на секој чекор.

Најспектакуларниот базар е на Црвениот плоштад, пред најлуксузната стоковна куќа "Gum", која неодоливо блеска. И мавзолејот на Ленин во овој период делува весело. Инаку, со години наназад траат расправиите за преселувањето на телото на Ленин од Црвениот плоштад, но и понатаму може, на истото место, бесплатно да се погледне од 11 до 13 часот.


Црвениот и Пушкиновиот плоштад ги дели само една метро-станица или прошетка по булеварот Тверској. А долж булеварот се нижат мали продавници, огромна книжарница во којашто секогаш има гужва, а тука ќе ја најдете и луксузната продавница "Јелисевски" во којашто уште од 1901-та година се продаваат деликатеси како што е кавијарот.

Симбол на Москва е и поетот Александр Сергеевич Пушкин, вистински заводник, чијшто живот е прекинат токму во "романтичен" двобој. Пушкин својата слава ја стекнал во Санкт Петербург, и важи за татко на модерната руска книжевност којшто ја ожени московјанката Наталија Гончарова. Нивниот споменик денес претставува вистинска атракција, неговиот плоштад е омилено шеталиште, неговата куќа исклучително посетен музеј, а "Пушкин кафе" највкусното место во градот. Љубителите на делата на Михаил Булгаков можат, пак, да го посетат и неговиот дом којшто се наоѓа токму во станот во којшто се одвива дејствието на романот "Мајсторот и Маргарита".


Облакодерите на Сталин

Легендарниот Пушкин ресторан работи 24 часа на ден, а особено е популарен во зорите, кога мамурните гости појадуваат блини со кавијар. Ниту поетот не ги сакал колачињата украсени со злато, коишто се послужуваат во ова кафе, туку ги сакал токму блините, нешто налик на палачинки. Русите ги појадуваат со "згушчонка" (слатко млеко) и со каша. Зимската руска кујна изобилува со салати, туршија и чорби, а сето тоа во ладните краишта е совршено за "на здраровје". Традиционален десерт се печените јаболки.

Во месец март пак се одржува големиот фестивал Ма́сленица, посветен на блините и словенската култура.

Честа којашто Русите им ја оддаваат на своите великани е безгранична, а особена чест им се оддава на истражувачите на вселената. Во Музејот посветен на космонаутиката во којшто се влегува низ вселенски обелиск се наоѓаат оригинални предмети коишто ги употребувале руските астронаути – костуми, конзерви од храна, тоалет-шолји, капсули во коишто живееле и лунарни модули коишто се вратиле на Земјата.

Москва поседува околу 200 музеи и тешко е да се одлучи во кој попрво да влезете, бидејќи буквално секој има големо значење и чува драгоцени предмети. Може да го посетите и фантастичниот природен музеј посветен на палеонтологијата, леденото доба или Дарвин. А непроценливото богатство од злато и скапоцени камења коишто ги употребувале руските императори се чуваат во Вооружената палата во внатрешноста на ѕидините на Кремљ.


Меѓутоа, панорамата на Бородинската битка е единствена во целиот свет. Кај селото Бородино на 26-ти август во 1812-та година се одиграла страшната битка помеѓу војската на Наполеон и руската војска која ја предводел генерал-фелдмаршалот Михаил Кутузов. Во овој музеј децата најчесто купуваат сувенир во облик на оловен војник.


Во руската престолнина речиси сè е пространо и огромно, од булевари до згради. И денес се голема атракција седумте монументални облакодери со шпицови коишто ги подигнал токму Сталин. Најстариот руски универзитет "Ломоносов" на Врапчешки брег се наоѓа токму во таква зграда. А секој којшто со лифтот ќе се качи на 33-от кат на универзитетот, може да погледне како напредува уредувањето на стадионот за фудбалското првенство коешто, покрај во останатите руски градови, ќе се одржи и во Москва, во 2018-та година.


Од врвот на "Ломоносов" во далечина се гледа соборниот храм на Христос Спасителот чијашто изграба започнала веднаш штом последниот војник на Наполеон ја напуштил Москва. А го срушиле комунистите кои на тоа место направиле базен. Храмот е обновен според старите цртежи и фотографии во 2000-та година. Златната купола свети и на -17 степени Целзиусови. А покрај куполата на Новодевичанскиот манастир, Успенската соборна црква во Кремљ и Благовештанска црква, како и Камбанаријата на Иван Грозни – станува јасно зошто Москва ја нарекуваат и "златоглава".

Метро-станиците како музеи

Чистотата во метро станиците ќе го воодушеви буквално секој турист. Всушност, во Москва нема да видите ѓубре, парчиња хартија, ниту пикавци на земјата. Нема ниту контејнери, како ниту мачки коишто скокаат околу ѓубрето. И околината на Москва е чиста, без летечки кеси и исфрлен шут...


Меѓутоа, метро-системот којшто дневно превезува повеќе патници отколку во Лондон и Њујорк – заедно – заслужува посебно воодушевување. Московското метро дневно превезува дури 9 милиони патници, возовите обавуваат 9.000 возења, а ако некој ви побегне буквално пред носот – не очајувајте. Следниот пристига за половина минута!


Во Москва буквално секоја станица претставува вистинско уметничко дело и пример за совршена ефикасност. А посебна атракција во метро-станиците се постарите жени, со крупна градба, облечени во униформи, коишто седат во стаклени куќички на дното од подвижните скалила. Тие му одолеваат на забот на времето и модерните камери за надзор, но им се исклучително корисни на сите туристи коишто ќе се изгубат!

Театарот Бољшој

Во Театарот Бољшој секоја вечер, па и во Новогодишната ноќ, се одржуваат опера и една балетска претстава, а картите се купуваат најмалку месец дена однапред.

Овој театар е отворен уште во 1825-та година, а неодамна е и целосно реновиран. Театрот блеска во полн сјај и благодарение на златниот лустер тежок два и пол тона со пречник од шест и пол метри, којшто е сместен точно над гледачите во салата за претстави. Лустерот во 1863-та година работел на гас, што било опасно, па затоа денес работи на струја.