Огромен пропуст на американските разузнавачки служби: Зошто ЦИА не може да го предвиди идниот потег на Путин?

Точка

16/10/2015

13:10

8.849

Големина на фонт

а а а

Угледни американски конгресмени во разузнавачките одбори во Сенатот и Конгресот на САД започнаа истрага за делувањето на ЦИА и останатите разузнавачки агенции кои направија огромен пропуст во врска со проценките на руските акции во Сирија.

„Забележаа дека нешто се случува, но не ја проценија магнитудата“, изјави еден од неименуваните извори од Конгресот опишувајќи ја "ефикасноста" на американските разузнавачки служби во врска со Русија.

Американските шпионски агенции забележаа дека русите се активираат во Сирија, а на темелот на тие сознанија реагираше Белата куќа која побара објаснување од Русија. Но, иако ја увидоа намерата на Путин, останаа шокирани од брзината и агресивноста на руската акција, како и од листата на руските цели кои вклучија напади врз „умерените бунтовници“ кои се под контрола на САД.

Американците немаат доволно информации

Недостатокот на информации ја оневозможи администрацијата на Обама да одговори на потегот на Путин. САД веќе подолго време не можат да фатат чекор и велат дека руските потези се неочекувани и непредвидливи. Никој не очекуваше дека руското знаме ќе се вее на Крим, а од тогаш стана очигледно дека нешто не е во ред со работата на американските разузнавачки служби.


Денес високите американски функционери меѓусебно се обвинуваат за фијаското кое им се случи на американските разузнавачки служби во Сирија, но и во Украина.

Како и да е, разузнавачите тврдат дека доставиле информација дека Русија планира напад на Сирија неколку седмици претходно. Од канцеларијата на секретарот на 17-те национални разузнавачки служби велат дека нивните задачи биле извршени безразлика на тоа што работите на терен се развивале многу брзо, отфрлувајќи ги обвинувањата дека постоеле разузнавачки пропусти.

Американското министерство за одбрана исто така започна истрага во врска со информациите дека високи државни функционери манипулирале со извештаите од терен и прикажувале „розова“ слика во врска со американската кампања против Исламската држава.

„Лошо ги толкуваме намерите на Путин“

Од друга страна, конгресмените ќе истражат како доживеала крах стратегијата на администрацијата на Обама за воената обука на бунтовниците во Сирија и Ирак. Од Белата куќа го потврдија квалитетот на разузнавачките извештаи истакнувајќи дека новинарите го следеле распоредувањето на руските авиони и копнени сили.


„Не мислам дека било кој очекуваше дека Русија е подготвена да употреби такво вооружување во Сирија“, изјави портпаролот на Обама, Џон Ернест, додека во меѓувреме американските медиуми потсетуваат дека разузнавачките служби имале крах и минатата година во Украина кога Русите го анектираа Крим.

„Тоа нашите служби не го предвидоа. Добро е познато дека тоа е уште еден голем неуспех поради лошото толкување на намерите на Владимир Путин“, изјави републиканскиот сенатор Џон МекКејн.

На крајот на краиштата, јасно е дека администрацијата на Обама имала некакви сознанија, но тие изгледа не биле доволно прецизни за во Конгресот сите да сфатат како ќе се развива ситуацијата во Сирија. Американските разузнавачи предупредиле девет дена пред Русија да ги започне нападите дека Путин ќе реагира, наведувајќи дека во Сирија биле забележани руски дронови кои го снимале теренот.


После моќниот удар на руската армија, неочекуваното појавување на руските крстосувачки ракети во Сирија беше последната капка која ја прелеа чашата на незадоволството од работата на американските разузнавачки служби кои не успеаа да обезбедат информации за ситуацијата во Украина, ниту пак за тоа дека Кина планира изградба на база во Јужнокинеското море.

ЦИА не може да му се приближи на Путин

Републиканецот Адам Шиф смета дека „Путин ноторно се држи за својот близок круг на луѓе и внимателно ја креира својата стратегија со бројни импровизации и непредвидливости“ и поради тоа САД не може да ги знае плановите на рускиот претседател.

Неименуван извор открил дека висок функционер на ЦИА одговарајќи на прашањата на конгресмените рекол: „Според вас, ние треба да им ги читаме е*ените мисли?“, индиректно со тоа признавајќи дека ЦИА нема свои луѓе во близина на Путин.

Конгресмените сега јасно ќе ги прочешлаат сите извештаи кои ЦИА ги испраќала со месеци наназад пред да започнат јавна расправа, но врз темелот на официјалните и неофицијалните информации на американските медиуми, може да се заклучи дека во американските разузнавачки кругови владее паника.

Американците имаа доволно проблеми со протекувањето на документите на WikiLeaks и откако поранешниот агент на американската Национална безбедносна агенција Едвард Сноуден однесе со себе во Русија десетици илјади документи на разузнавачките служби, па како капак на сè сега се јавува Путин со своите крајно непредвидливи потези.


Спонзорирани линкови

Маркетинг