Путин: САД ја критикуваат руската операција во Сирија, а откажуваат соработка

Макфакс

15/10/2015

14:28

1.020

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин ја смета неконструктивна позицијата на САД откажувајќи се да ја примат високата руска делегација во Вашингтон за директно договарање за активностите во Сирија, а притоа ја критикуваат Москва за нејзините дејствија во оваа блискоисточна земја којашто веќе четири ипол години се справува со екстремниот исламски тероризам, пренесуваат руските агенции.

„Навистина не можам да разберам како нашите американски партнери може да ги критикуваат активностите на Русија во Сирија во борбата против тероризмот, доколку се откажуваат од директниот дијалог за критичните области, како што е политичкото решение“, рекол Путин.

„Сметам дека таквата позиција е неконструктивна. И, како што гледаме, во оснава слабостите на таа позиција очигледно лежат во отсуството на каква и да е агенда. Очигледно, едноставно нема за што да се зборува“, изјавил рускиот челник на прес-конференцијата во казахстанската престолнина Астана.

Путин додал дека Русија сепак „ја остава вратата отворена“ за разговори со сите заинтересирани страни во врска со ситуацијата во Сирија.

Претходно во вторникот Путин изјави дека Русија нуди да биде домаќин на меѓународна средба на највисоко воено и политичко ниво во Москва во врска со состојбите во Сирија, а исто така да испрати во Вашингтон висока руска делегација која би ја водел премиерот Дмитриј Медведев. Во средата шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров изјави дека САД одбиле да ја примат руската делегација.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, објаснувајќи го откажувањето на Вашингтон за одржување на таквите консултации, изјави дека САД „не се заинтересирани за тоа, сé додека Русија не започне да дава конструктивен придонес во борбата против Исламската држава“ во Сирија, без појаснување што подразбира под тоа.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, коментирајќи ги откажувањето на САД да ја примат руската делегација, изрази жалење за таквата одлука на Вашингтон и потенцираше дека одбивањето на дијалогот не оди во прилог на брзото спасување на Сирија и целиот регион на Блискиот исток од Исламската држава.


Спонзорирани линкови

Маркетинг