Фотограф од светски размери, а сепак наш - Драган Тапшанов: Еве сум во Непал, фотографирам насмевки, трагедии, живот и смрт

Точка

12/01/2015

10:30

11.806

Големина на фонт

а а а

Драган Тапшанов е македонец кој го прошета цел свет преку призмата на фото-објективот. За себе ќе каже дека е дечко со ранец, капа и камера кој прави документарни фотографии и видеа насекаде низ светот. Не брои знамиња и држави, туку култури и народи кои ги документирал. Одблиску со Драган, во ова интервју за Точка, директно од Непал.

Каде се наоѓаш во моментот?

Повторно сум во Непал, но овојпат за зимски проект.


На какви проекти работиш?

Документирање на културите и традициите во неразвиените земји низ светот, народот и неговите скриени приказни, проекти кои се најчесто организирани од различни светски медиуми, но некој се и лично мои.


Кои места си ги посетил низ светот?

Не бројам колку држави сум посетил, туку колку народи и култури сум документирал, граници и знамиња се менуваат. Од Хмонг и Кхмерите на исток, горе до Тибетанците, Брамите, Четрите и Горките, низ средината кај Арапите, Египќаните и Бедуините, преку европските патриоти се до новите и стари Амери различни животни приказни се документирани со мојата камера.


Каде си ја направил најдобрата фотографија?

Сите мои фотографии се најдобри … според мене. Секоја моја фотографија крие уникатна приказна, претставува цел живот на некоја личност, но најбитно има душа во неа. Кога фотографирате луѓе секогаш имате перфектен момент, имате уникатен поглед, насмевка, покрет, единствено може да имате само лош квалитет на фотографијата и според тоа "да ви се суди".


Како започна твојата приказна како фотограф?

Како почнав со фото … Лутав на почетокот многу, фотографирав модели во студио, свадби и прослави, креирав фото манипулации но тоа не ме исполнуваше, не ме правеше среќен, ја убиваше мојата инспирација и креативност. Од секогаш сум сакал да патувам, истражувам и документирам низ светот и на крај фотографијата ја најдов како најдобар начин да ја задоволам таа потреба.


Кој е Драган Тапшанов?

Дечко со ранец, капа и камера. Остарен од временските услови на Хималаите, подмладен од азиските масажи, фан на Стив Бери, љубител на географија и историја, дудук по математика. Фотограф кои не ги знае бројките на објективите.


Кој е твојот следен проект или следна дестинација?

Завршувам со фото проектот “Хималајските номади во зима” и летам за Оман каде ќе работам на проект “Идентитет: Трибализам и Ибадизам”.

Остануваш да живееш во Македонија или некаде низ светот?

Јас сум номад, жител на планетата земја, каде сум слободен да лутам и документирам животни приказни.


Во која област на фотографија се категоризираш себе си?

Документарна фотографија.

Какви луѓе и приказни си видел и слушнал од кои ти застанал здивот и ти дошле солзи на очи?


Последната дефинитивно ми ги смени животот, приказната на малиот Пемба од Госаикунда. Можете да го прочитате краткиот запис и разгледате фотографиите на мојот блог http://tapshanov.blogspot.com/2015/01/blog-post.html

Што се фатил твојот објектив?

Насмевки, солзи, радости, трагедии, живот и смрт.


Твој совет до сите читатели на Точка?

Follow your dreams and #NeverStopExploring.


Линкови на кои може да се видат моите фотографии:

http://tapshanov.blogspot.com/ и http://instagram.com/dragantapshanov/

Автор: Марија Главчева


Спонзорирани линкови

Маркетинг