Власта Ружиновска: Се "палам" на БМВ, Мерцедес, Ауди, скапо саатче, кошулче и гелче!

Точка

24/07/2013

12:10

44.781

Големина на фонт

а а а

По повод враќањето на терените, со учеството на претстојните турнири во одбојка на песок, помуабетивме со Власта Ружиновска, една од најатрактивните девојки во Македонија.

Власта Ружиновска, поранешната одбојкарка и капитен на шампионот Форца Волеј, порано позната и од телевизиските реклами и уличните билборди како успешен фотомодел, деновиве повторно се враќа на терените за одбојка, со започнувањето на претстојните турнири во одбојка на песок. Во продолжение прочитајте што оваа прекрасна девојка сподели со читателите на Точка.

1. Здраво Власта, прво ми дојде да те прашам зошто немаш Фејсбук, се обидов да те најдам но неуспешно, па каде можат да те најдат обожавателите?

Власта: Да, точно е, немам Фејсбук веќе подолго време. Страната која што некогаш ја имав беше јавна и само за љубителите на спортот, односно одбојката, па кога се откажав од професионалната игра, се изгуби и поентата. Треба да бидеш пример или идол за да пренесуваш некаква порака поради која некој ќе те следи, а сега сум само обичен лик. Всушност, Фејсбукот не го почитувам многу, добар е за реклама доколку си артист или имаш фирма, па имаш и корист од сето тоа. Јас повеќе немам никаква корист од Фејсбукот, а сите луѓе ги гледам на улица и така поубаво се чувствувам. Фејсбукот повеќе ми е губење на време и анализирање на тужи живот. Тоа ми е непотребно, но не ги критикувам ниту оние што го имаат својот профил.


2. Одбрани сте за репрезентативки на Р.Македонија! Ќе ја претставувате државата на Балканијадата во Одбојка на песок, во организација на Град Скопје, по повод одбележувањето на 50 години од земјотресот од 1963, започнувајќи овој четврток 25.07 до 27.07.13 година на Градската плажа на кејот на Вардар, па кои се вашите очекувања?

Власта: Да ја претставуваш сопствената земја е голема одговорност и чест, но многу ми е жал што ќе го правиме тоа под овие околности, пред се затоа што за истово дознавме пред десетина дена. Револтирани сме бидејќи немаме тренер, ниту некаква поддршка од Градот или Федерацијата. Никој не ни се јави да не праша дали ни е потребно нешто или барем да знаевме за ова уште од пролетта, па да се посветевме на повеќе подготовки. Далеку сме од формата која што ни е неопходна за резултат, додека другите учесници се професионалци кои што исклучиво се занимаат само со одбојка на плажа. Тие имаат посебна лига и тим, а зад нив, во финансиска смисла, има некој кој стои преку целата година. Јас кога се согласувам нешто да направам, или тоа го правам докрај или воопшто не го правам. Со мојата партнерка Сандра Георгиевска ќе дадеме се од себе, но немаме никакви очекувања! Чуда за 10 дена не се случуваат!


3.Дали ќе настапувате на веќе традиционалниот турнир во Охрид каде што со партнерката бевте познати ривалки, но и освојувачи на многу златни медали?

Власта: Да, секако! Тој е еден од моите омилени турнири и се уште ми е предизвик. Иако бевме ривалки, се надевам дека коализиравме во подобар тим. Доколку стигнеме до финалето, гледајте не во недела во 18 часот, во живо на МТВ.

4.Под кое име ќе настапувате и дали сте брендирани и оваа година?

Власта: Настапуваме под името Сектор. Огромна благодарност до момците од клубот Сектор затоа што тие се нашите генерални спонзори, како и до тимот од Хербалајф, пред се затоа што исхраната исто така ни е многу важна за потребната форма и енергија. Неизмерна поддршка во текот на годиниве добив и од Златните од кеј за никогаш да не се откажам, а Миро овој месец се погрижи за мојата физичка подготвеност.


5. "Најзгодни газиња - сестрите Ружиновски предизвикаа најмногу воздишки од присутните на трибините" беше епилогот по завршување на турнирите и насловот на спортските вести. Која е тајната и дали ви годат вакви комплименти? Се чувствувате ли секси на терен?

Власта: (Се смее...) Искрено, не му придавам многу значење на тоа, повеќе другите ми кажувале, отколку што јас сум читала! Неодамна пронајдов некои натписи кои ги сочувала мојата баба и многу се смеев. Би лажела доколку речам дека не годи да добиеш комплимент. Жената се чувствува секси и кога е облечена, а не пак ние кога настапуваме полуголи на теренот. Јасно ни е дека машката популација е позастапена на турнирите и тие се дојдени токму поради тоа. Синоним за одбојка на плажа се тесните костими за капење и голите задници. Нема тајна, одбојкарките се познати по своите задници, па очигледно самиот спорт придонесува за развивање на овој атрибут, а секако, голема улога имаат и гените.


6. Во текот на последните неколку години се поретко те гледаме во медиумите. Кажи ни на што се должи тоа?

Власта: Се сметам веќе за доволно возрасна за тој тип на работа. Никогаш професионално не сум се занимавала ниту со фотомоделство, ниту со манекенство. Тоа беше пред се случајно и како хоби, а има многу девојки кои што повеќе одговараат за таа работа. Медиумите целосно ги избегнувам откако сфатив дека го бркаат интересот на читателите, што е многу нормално. Тоа во Македонија подразбира постојано присуство на трачови и голотија, така што супер ми е вака!


7. Играше во првите тимови во Р.Македонија, а во текот на последната година стекна и интернационално искуство. Кажи ми повеќе околу тоа и како одлучи да се откажеш, сигурно не била лесна одлука?

Власта: Одбојката е дел од мојот живот и за жал се уште се поистоветувам со неа. Тоа беше најдобриот период од мојот живот и најсреќните моменти досега. Знаете, живеете поинаку од останатите... Стануваш рано за на тренинг, на училиште одиш со торбата подготвена за втор тренинг, а викендите ги поминуваш во патување, по хотели, додека во летото одиш на подготовки. Постојано си надвор од државата, функционираш со соиграчите како семејство и денот ти е исполнет, се дотогаш кога сфаќаш дека сето тоа може еден ден да заврши и мораш да продолжиш понатаму како секој обичен човек. Тоа за мене беше вистински шок, особено бидејќи не планирав тоа да се случи! Можам да кажам дека тоа ми беше дури и најтешката одлука. Но, што е, тука е! Искуството во Турција беше супер како за на крај на кариерата. Добив повреда на коленото, а по втората операција докторите ми забранија да се занимавам професионално со спорт, иако никогаш не се откажав од него затоа што зависна сум, исто како што имам потреба од храна секој ден.


8. Убава девојка тешко е да има вистински пријатели... Имаш повеќе пријатели или пријателки?

Власта: Често си правам шеги самата на себе, велејќи дека се чувствувам како градоначалник кога одам во некој локал, па така, потребни ми се 5 минути за да се поздравам со сите, пред да седнам и да си го испијам кафето. Комуникативна сум и отворена, полна со енергија и функционирам "двесте на саат"! Таква ми е ѕвездата, но вистинските пријатели кои ми се блиски надвор од мојата фамилија можам да го избројам одвај на една рака. Сосема добро го знам тоа и научив така да функционирам во реалноста.


9. Дали Власта е заљубена и кој е тој среќник? Наслушнав дека станува збор за познато момче во градов?!

Власта: Власта е заљубена, но моментално нема ниту симпатија, а исто така ниту среќник. Се во свое време!

10. Кажи ми го твојот став околу мажите и што е она што е потребно да го поседува за да те освои?

Власта: Исклучиво Мерцедес, БМВ или Ауди... Скапо саатче, кошулче, гелче - тоа е добитната комбинација! (Се смее...) Се шегувам, ова е наша интерна шега помеѓу најблиските. Не, воопшто не треба да поседува ништо затоа што не го гледам низ призмата на материјалните вредности. Сето тоа е минливо и сосема неважно. Мојот став е дека секој човек треба да биде свој и да не се изгуби во толпата. Сите тие поединости имаат своја убавина и оригиналност. Никој никого не треба да освојува, тоа се случува взаемно и те носи како надмоќна сила на која не можеш да и се спротивставиш, секако, доколку си дозволиш да чувствуваш и си го слушаш телото, себе си и емоциите, а не разумот. Или се случува или не, тука нема мудрост и контрола. Само водење љубов во секоја смисла на зборот. Партнерот е мојот најголем пријател, слушател и поддршка, доколку ме сака и ме прифати онаква каква што сум и "по пижами", а кога ја губам самодовербата, ме враќа на нозе и не се брои за превласт, туку верува во мене и кога самата јас ја губам вербата... Ете тој е вистинскиот! За жал во Скопје постои некој синдром на мангупи застапени подеднакво и кај двата пола, па постојано водиме борба со сопствените ега и титулирањето од опкружувањето. "Ликот" е индиферентниот и воздржаниот, а љубовта се занемарува. Така, ретко кој е доволно храбар за да дозволи да му се случи, па затоа и се поретко има парови, а да не споменувам пак за бракови.


11. Што прави Власта, откога не е професионална одбојкарка?

Власта: Работам по струка, правник сум. Се уште сум на магистерски студии на Правниот Факултет. Тренирам Кунг фу во Стрела и фрапирана сум од исклучителниот Предраг, мојот сифу и Чипо. Невидениот склоп на јогата, медитацијата и винг чунг се еден вид на просветлување во мојот живот.

12. Каде излегуваш? Дали си активна во скопскиот ноќен живот?

Власта: Не сакам да менувам многу места и локали, сакам кога го познавам персоналот во локалот. Најчесто сум во Кино Карпош, Излет, Суперфлај, во дискотеката Сектор, во маалски локали Хепи и Форца, а кога ми треба промена, тука е старата чаршија. Има периоди кога излегувам многу често, има периоди кога се повлекувам дома, но во секој случај ноќниот живот во Скопје има добра музика и избор.


13. За крај, што ќе им порачаш на читателите и љубителите на спортот, како да ја одржуваат својата линија и која е формулата?

Власта: Спијте редовно, станувајте рано, истегнете го телото пред да ви почне денот. Еднаш во неделата преноќите на вашиот паркет, пијте вода и јадете здрава храна, сирова и неконзервирана. Вежбајте редовно, смејте се, имајте позитивни мисли, ширете таква енергија, поминувајте повеќе време во природа, а кога сте во можност, одете боси по земја, создадете здрави навики и слушајте го сопственото тело! Немојте да бидете робови на технологијата. Бидете умерени, задоволни и скромни и оставете срцето да ве води. Радувајте се на секоја промена. Тоа е единствениот начин на вистинска среќа и благосостојба.


Спонзорирани линкови

Маркетинг