Ќе се реконструираат спортските сали во основните училишта во Аеродром

Нетпрес

02/02/2013

13:50

2.407

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, заедно со министерот за образование и наука, Панче Кралев и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазар Поповски, денеска, 2.2.2013 година го промовираа проектот за реконструкција на спортските сали во основните училишта.

“Со оваа крупна инвестиција, очекуваме основните училишта целосно да се модернизираат, а учениците конечно да добијат соодветни услови за спортување на местата каде што го челичат своето здравје“, изјави градоначалникот Коневски.

Тој додаде дека реконструкцијата на училишните објекти минатата година и реконструкцијата на спортските сали во основните училишта оваа година се најдобар доказ дека големите инвестиции Општина Аеродром ги вложува токму во образованието каде што се гради нашата иднина.

Станува збор за реконструкција на спортските сали во основните училишта “Димитар Македонски“, “Лазо Ангеловски“, “Ѓорѓија Пулевски“, “Љубен Лапе“, “Браќа Миладиновци“ и “Блаже Конески“.

Фирмата што ќе биде избрана на тендерот ќе има обврска да ги реконструира спортските сали, соблекувалните, и просториите за реквизити.

Исто така, ќе се реконструираат покривите на спортските сали во некои училишта, ќе се промени внатрешната столарија, ќе се реновираат санитарните јазли, ќе се постават заштитни решетки на прозорците и вратите во спортските сали, ќе се заменат подовите и плочките во соблекувалните и ходниците. Ќе се малтерисаат ѕидовите и плафоните, а ќе се реконструира и водоводната, канализациската и електрична инсталација и ќе се постави инсталација за греење и проветрување на салите.

Министерот Кралев рече дека Аеродром е пример за општина која веќе подолго време вложува во образованието, а сега и со инвестицијата во спортските сали, кои се составен дел од училиштата, значително ќе се подобри воспитно образовниот-процес.

“Министерството за образование и наука веќе го спроведува проектот за изградба на 145 спортски сали од кои 28 се завршени и предадени во употреба, а 26 се во изградба. Очекуваме шест од нив да бидат завршени до крајот на март, а останатите во текот на годината. Спортската сала што се гради во Аеродром е една од тие кои што треба да заврши со изградба до крајот на годината и на тој начин да ја надополнат инвестиционата програма на општината која подолго време се реализира за подобрување на условите за изведување на наставата и спортските активности во училиштата“, истакна Кралев.


Спонзорирани линкови

Маркетинг