Европските служби предупредуваат: Русија може да ги засили саботажите низ Европа

Макфакс

02/10/2026

17:41

161

Големина на фонт

а а а

Европските безбедносни служби предупредуваат дека Русија ќе ги засили саботажите и хибридните напади во Европа во наредните месеци, со цел зголемување на стравот и слабеење на поддршката за Украина.

Европските безбедносни служби проценуваат дека Русија во наредните месеци ќе ги засили саботажите и хибридните напади низ Европа, објавија германски „Велт“ и британски „Телеграф“, повикувајќи се на доверливи разговори со безбедносни извори.

Висок претставник на НАТО изјавил дека Алијансата очекува поагресивна комуникација од Москва и проширување на хибридните напади. Германските власти, според извештајот, како еден од главните организатори на ваквите операции ја посочуваат руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Како пример се наведува неуспешниот напад со дрон врз украински авиони „Антонов“ на аеродромот во Лајпциг во август. Според безбедносните извори, целта на ваквите акции е и психолошка – да се зголеми стравот во европските општества и да се ослаби поддршката за Украина.

Експертите предупредуваат дека можните активности би можеле да опфатат кибернапади, саботажи врз критична инфраструктура, напади врз воената индустрија и други хибридни операции.

Руската амбасада ги отфрли обвинувањата за вмешаност на Москва во саботажни активности, нарекувајќи ги неосновани.