Убиецот на четири момчиња требало да излезе на слобода: Серијата за овој случај го освои Нетфликс

Точка

29/11/2026

15:02

882

Големина на фонт

а а а

Полската серија „The Law of Beasts“ веќе во првата недела по премиерата се искачи на врвот на глобалната листа на „Нетфликс“ за серии на неанглиски јазик.

Четирите епизоди ги враќаат гледачите во еден од најмрачните случаи во поновата полска историја. Станува збор за убиец на деца, чие претстојно ослободување од затвор предизвикало паника и довело до донесување на контроверзниот „закон за ѕверовите“.

Серијата „The Law of Beasts“ (во оригинал „Prawo bestii“) е достапна на „Нетфликс“ од 18 ноември. Веќе во првата недела забележа 5,8 милиони прегледи и се искачи на првото место на листата на најгледани серии на неанглиски јазик. Тоа го покажуваат официјалните податоци на платформата за периодот од 16 до 22 ноември.

Серијата ја режирал Каспер Бајон, автор на серијата „Wielka woda“ (High Water), а сценариото го напишал заедно со Ана Кашинска. Бајон вели дека серијата истражува што се случува кога законот, чувството за правда и потребата на општеството за безбедност не можат да се усогласат.

Две пријателки и еден случај

Дејството се одвива во два временски периоди. Во 1988 година, низа убиства на деца разделуваат две пријателки. Едната е истражителка, мајорката Ана Берш (Агњешка Гроховска), а другата е психијатарката Агњешка Грабска (Агњешка Жулевска), која ја проценува психичката состојба на главниот осомничен.

Четврт век подоцна, во 2014 година, се приближува ослободувањето на осудениот убиец од затвор, а земјата ја зафаќа паника. Двете жени тогаш мораат повторно да се соочат со одлуките што некогаш ги разделиле.

Убиецот Мариуш Тринкјевич го толкува Михал Павлик. Тринкјевич е вистинска личност, но двете главни хероини и нивното пријателство се измислени за потребите на серијата. Серијата не е документарна реконструкција, туку драма инспирирана од вистински настани.


„Сатаната од Пјотркув“

Тринкјевич бил наставник по физичко образование од Пјотркув Трибуналски. Во летото 1988 година убил четири момчиња на возраст од 11 до 13 години. Полските медиуми го нарекле „Сатаната од Пјотркув“.

Во септември 1989 година бил осуден на смртна казна, но таа никогаш не била извршена. Со амнестијата донесена истата година, казната му била преиначена во 25 години затвор. Тоа значело дека еден од најозлогласените криминалци во земјата на 11 февруари 2014 година можел да излезе на слобода.

Закон донесен во последен момент

Меѓутоа под притисок на јавноста, полскиот парламент во ноември 2013 година усвоил закон за постапување со лица со психички нарушувања кои го загрозуваат животот, здравјето или сексуалната слобода на другите. Медиумите набргу го нарекоа „закон за ѕверовите“. Законот стапил во сила на 22 јануари 2014 година, само неколку недели пред ослободувањето на Тринкјевич. Тој му овозможува на судот опасните осуденици, по отслужувањето на казната, да ги смести во центар од затворен тип или да ги стави под надзор.


Тринкјевич сепак накратко излегол од затвор на 11 февруари 2014 година. Истата година бил сместен во центар од затворен тип во Гостинин, основан токму врз основа на овој закон. Законот и денес предизвикува контроверзии. Дел од правните експерти го сметаат за пример на казнен популизам и го доведуваат во прашање неговото усогласување со Уставот, бидејќи лицето се лишува од слобода откако веќе ја отслужило казната.

Во 2021 година, Тринкјевич бил осуден на шест години затвор поради поседување детска порнографија. Починал на 9 јануари 2025 година во затворската болница во Гдањск, на 62-годишна возраст.