Мајк Лав, соосновач и пејач на легендарниот американски бенд „Бич бојс“ (The Beach Boys), почина на 85-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврди неговата портпаролка, а според објавените информации, музичарот починал во саботата, на 28 ноември. Причината за смртта засега не е соопштена.
Лав беше еден од клучните членови на бендот кој ја одбележа музичката сцена во шеесеттите години на минатиот век. „Бич бојс“ (The Beach Boys) ја основал во 1961 година заедно со своите братучеди Брајан, Денис и Карл Вилсон, како и со пријателот Ал Џардин.

Бендот стана препознатлив по повеќегласното пеење и песните инспирирани од калифорнискиот начин на живот, сурфањето и автомобилите.

Меѓу најголемите хитови на групата се песните „California Girls“, „Surfin‘ U.S.A.“, „I Get Around“, „Good Vibrations“ и „Wouldn’t It Be Nice“. Лав беше препознатлив по својот вокал, но и како текстописец кој учествувал во создавањето на бројни песни на бендот.
Посебно место во неговата кариера зазема песната „Kokomo“, која бендот ја објави во 1988 година. Таа стана голем хит и се искачи на првото место на американската музичка топ-листа „Billboard Hot 100“.

„Бич бојс“ во текот на својата кариера продадоа повеќе од 100 милиони албуми ширум светот, а во 1988 година беа примени во Куќата на славните на рокенролот (Rock and Roll Hall of Fame).

Лав остана активен на музичката сцена и децении по периодот на најголемата популарност на бендот. Последниот настап со бендот го одржа на 10 октомври во Нешвил, а претходно откажа дел од концертните ангажмани поради здравствени проблеми.
Зад себе ги остави сопругата Жаклин и деветте деца.










