Над 1.100 мигранти пристигнале на Крит и Гавдос за два дена, двајца починале при обидот да стигнат до брегот

Макфакс

29/11/2026

11:50

274

Големина на фонт

а а а

Повеќе од 1.100 мигранти пристигнале на грчките острови Крит и Гавдос во период од само два дена, додека двајца луѓе ги загубиле животите во обид да стигнат до грчкиот брег од Северна Африка.

Според грчката крајбрежна стража, пристигнувањата биле регистрирани од петокот наутро до саботата попладне. Во една од спасувачките акции на островот Гавдос биле извлечени 41 лице од непристапен дел на брегот. Двајца мигранти биле пронајдени во бессознание, но и покрај укажаната помош, подоцна била констатирана нивната смрт. Причината за смртта засега не е официјално утврдена.

Во одделна спасувачка операција, во пристаништето Ираклион на Крит биле пренесени уште 102 мигранти, меѓу кои 16 жени и пет малолетници. Дел од спасените добиле медицинска помош.

Крит и Гавдос стануваат сè почеста рута за мигрантите кои од Северна Африка се обидуваат да стигнат до Европската Унија. Повеќето пловила тргнуваат од источна Либија. Од почетокот на годината до почетокот на ноември, на Крит и околните острови пристигнале повеќе од 23.000 луѓе.

Зимските месеци дополнително го зголемуваат ризикот за мигрантите поради силните ветрови и разбрануваното море. Меѓународната организација за миграција предупредува дека зголемениот број пристигнувања ја истакнува недоволната подготвеност на системите за потрага и спасување.