Студентите ќе добијат можност да користат картичка со 20 отсто попуст во текот на целата година, преку апликацијата М-услуги. Ова го најави ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека во тек е подготовка на новата мерка во соработка со повеќе институции.
Според партиското соопштение, во подготовката се вклучени Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Генералниот секретаријат, Кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за финансии.
Паралелно, Министерството за социјална политика, демографија и млади работи на развој на посебна апликација и дигитална картичка, со цел проширување на можностите за младите и унапредување на дигиталните услуги наменети за нив.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека мерката е дел од пошироките активности насочени кон студентите и младите, покрај можностите за вработување и самовработување преку Оперативниот план, реконструкцијата на студентските домови, младинските додатоци и мерките за намалување на дигиталната нееднаквост.
Партијата оценува дека со ваквите иницијативи се отвораат дополнителни можности за студентите и се подобруваат условите за нивно секојдневно функционирање.






