Ниту луксузни автомобили ниту скапоцен накит: Кинеските супербогаташи имаат нова, необична опсесија - риби вредни милион долари, за кои плаќаат дури и естетски операции

Точка

29/11/2026

10:40

1.055

Големина на фонт

а а а

Стотици илјади долари за еден кои-крап, раскошни рибници, па дури и естетски операции на рибите – одгледувањето и колекционерството на овие украсни крапови станаа прашање на престиж меѓу најбогатите луѓе во светот.

Меѓутоа, додека кинеските милионери издвојуваат огромни суми пари за најценетите примероци, борбата на Пекинг против корупцијата и демонстративното расфрлање со богатството ги принудува да бидат сè подискретни, пишува „Фајненшл тајмс“.

На почетокот од деведесеттите години од минатиот век, сопственикот на фабрика, Пан Џиченг, отишол на еднодневен излет во Гуангџоу за да купи риби за вештачкото езерце во својот нов дом.


„Во моментот кога ги здогледав јапонските кои-крапови, бев маѓепсан“, се присетил со носталгија во разговор за „Фајненшл тајмс“.

Просечните месечни плати тогаш изнесувале само неколку стотици јуани, а Пан платил 3.000 јуани (тогаш околу 550 долари) за да ги донесе дома своите први шест увезени кои-крапови, познати по нивната шареноликост.

Јапонските риби имале неверојатна убавина – јаркоцрвените и црните шари впечатливо се истакнувале на нивните снежнобели тела, поради што локалните крапови изгледале како грди копии.

Меѓутоа, неговата радост не траела долго. По само четири дена, сите шест риби ненадејно угинале, а Пан се заколнал дека никогаш повеќе нема да одгледува кои-крапови.

Два месеци подоцна повторно се вратил во Гуангџоу.


Оттогаш, ги посетувал локалните фарми за одгледување кои-крапови секогаш кога можел да одвои малку време од својот профитабилен бизнис за производство на пластични шишиња за странски козметички брендови.

Во 2003 година, разочаран од квалитетот на рибите во локалните фарми, одлучил да започне сопствен бизнис за одгледување кои крапови во Фошан, на југот од Кина.

Фармата за кои-крапови „Чанглонг“ оттогаш стана водечки центар за одгледување на овие риби во земјата. Пан не сака да открие колку пари вложил во неа, но неговите соработници проценуваат дека станува збор за најмалку 100 милиони јуани (15 милиони долари).

„Јапонските кои-крапови имаат толку чисти бои. Кај нив нема апсолутно никакви несакани шари“, рекол Пан.


Кинеските милионери како Пан станале водечки купувачи на краповите нишикигои, најценетата раса на украсни крапови во светот.

Тие издвојувале огромни суми пари за најдобрите риби со најчисто генетско потекло, граделе раскошни градини во кои би пливале нивните примероци, па дури и плаќале за изведување естетски операции на ценетите кои крапови.

Меѓу љубителите на кои краповите во Кина се и некои од најбогатите луѓе во земјата, од основачот на „Алибаба“, Џек Ма, до дискредитираниот тајкун во секторот за недвижности, Хуи Ка Јан.

„Ако не сте доволно опседнати со кои-краповите, нема ни да ги видите“

Меѓутоа, фасцинацијата со кои-краповите во Кина и сè поголемите суми пари што колекционерите ги издвојуваат за нив доаѓаат во момент кога Пекинг ја заострува контролата врз приватното богатство. Борбата против даночните прекршоци, корупцијата и демонстративното расфрлање со богатството ги вознемири колекционерите на сè, од врвни уметнички дела до скапоцени автомобили, а кои-краповите не се исклучок.


Лиу Тонг, генерален секретар на Здружението на љубители на кои-крапови во провинцијата Гуангдонг, смета дека посветеноста е неопходна во оваа област, која стана резервирана за најверните ентузијасти.

„Кои-краповите од највисока класа им се покажуваат само на најстрасните љубители“, рекол тој, додавајќи: „Ако не сте доволно опседнати со кои краповите, ако немате докажана низа победи на натпревари или не поседувате огромно богатство, нема дури ни да ги видите“.

Помамата по кои краповите и естетските операции

Во Кина одамна постои голема почит кон кои краповите: оваа риба повеќе од еден милениум е мотив на слики и порцелански предмети, каде што симболизира академски успех и благосостојба. Меѓутоа, помамата по кои краповите е феномен карактеристичен за последните неколку децении.

Здружението на љубители на кои крапови во провинцијата Гуангдонг одигра клучна улога во промовирањето на домашните кинески фарми за одгледување кои-крапови и во подигнувањето на угледот на рибите од оваа земја.

Судиите и натпреварувачите се собираат околу вредните примероци сместени во привремени сини базени и ги оценуваат врз основа на нивната големина, облик и боја.

За да ги зголемат шансите за победа или едноставно од естетски причини, некои сопственици ги подложуваат своите риби на естетски операции, отстранувајќи ги крлушките што се разликуваат од останатите или измазнувајќи ги рабовите на неправилните шари во боја.

Јапонските кои-крапови се толку ценети што Јапонија применува исклучително строги здравствени ограничувања и мерки за надзор, кои во практиката претставуваат забрана за увоз на овие риби од други земји, велат кинеските одгледувачи.

Сепак, одгледувачите успеале да ја зголемат привлечноста на кои-краповите одгледувани во Кина.

Во мај годинава, еден кои-крап од фармата на Пан бил продаден на аукција за четири милиони јуани (нешто помалку од 600.000 долари), што претставува рекорд за риба одгледана во Кина.

Американски милијардер кој секојдневно поминува часови хранејќи ги рибите

Продажбата на исклучително богат американски купувач привлече толкаво внимание што Пан набргу потоа добил повик од локалната даночна управа.

Богатиот купувач бил Херберт Фрич, кој своето богатство го стекнал во индустријата за здравствено осигурување и кој ја поседува најголемата приватна фарма за кои-крапови во светот, со десетици рибници и бројни базени исполнети со стотици илјади галони вода.

Фрич долги години бил страствен колекционер на егзотични животни, меѓу кои говеда од расата ватуси, елени лопатари, вапити и бизони, кои ги чува на својот ранч недалеку од Нешвил, во Тенеси.


Меѓутоа, неговата опседнатост со кои-краповите е од понов датум и произлегува од неговиот доживотен интерес за големи риби, кој на крајот го поттикнал непосредно пред пандемијата да отпатува во Јапонија за да ги види џиновските кои-крапови. Оттогаш, како што објаснил во видеоповикот за „Фајненшл тајмс“, „едноставно ги засакал овие животни“.

„Во еден вообичаен ден веројатно поминувам пет или шест часа хранејќи ги рибите – час до два ги хранам на мојата домашна фарма, а потоа одам до главните објекти за одгледување кои-крапови, каде што поминувам уште околу три часа“, рекол тој.

Тој проценил дека моментално има меѓу 3.000 и 4.000 кои-крапови во четири стакленици во Тенеси, а наскоро ќе биде завршен и петтиот стакленик. Во својот објект во Гуангџоу има уште 200 до 300 крапови, а минатата година пријавил 300 кои-крапови што се наоѓаат во Јапонија за натпреварот „All Japan Show“.

Светот на кои-краповите, како што рекол тој, е „исклучиво прашање на престиж“ и можност за дружење со други љубители на овие риби. Додал дека веројатно потрошил „многу милиони“ на својата опсесија.

„Тоа е сума што не сакам особено да ја следам и би се срамел да ја откријам доколку ја знаев“, рекол тој.

Борбата на Кина против демонстративното расфрлање со богатството

Хлорот и естетските операции не се единствените проблеми со кои се соочуваат сопствениците на кои-крапови. Повеќегодишните рестриктивни мерки за време на Ковид-19 пандемијата и падот во секторот за недвижности ја намалија побарувачката за луксузни производи.

Расположението на пазарот дополнително го влошија кинеската антикорупциска кампања и борбата против демонстративното расфрлање со богатството.

Тајкуните во земјата стравуваат дека нивните раскошни купувања би можеле да ги направат мета на антикорупциски истраги или детални даночни контроли.

Која риба ви е омилена?

„Фајненшл тајмс“ му постави тешко прашање на Пан Џиченг – која риба му била омилена?

Тука бил Џинмао, блескав бел крап во облик на торпедо, елегантно украсен со големи црвени шари, кој го освоил првото место на натпреварот „All Japan Show“ во 2020 година.

Или можеби тоа бил Џинлонг, „легендата“ која ја имала ретката чест на истиот натпревар да ги освои титулите јуниорски шампион и голем шампион. Или, пак, Џинченг, кој ја освоил главната награда во 2021 година.

Меѓутоа, иако секој од овие шампиони веројатно вредел стотици илјади долари за вистинските колекционери, Пан најмногу му се восхитува на скромниот Џинхонг, кој освоил само два сребрени медали, но и покрај тоа бил „неверојатно убав“ по својот облик и боја.

„Отсекогаш сметав дека на еден натпревар неправедно му беше ускратена шампионската титула“, рекол тој со забележливо негодување.


Тој одбил да открие колку најмногу потрошил за купување една риба, но признал дека тоа било „дефинитивно повеќе“ од четирите милиони јуани што Фрич ги платил за еден од своите крапови.

Додал дека познатите колекционери, вклучувајќи ги тајкуните и функционерите, во последно време станале значително подискретни при купувањето кои-крапови.

Сите омилени кои-крапови на Пан се овековечени на огромни слики во масло, кои висат на ѕидовите на приватниот музеј посветен на кои-краповите, сместен покрај неговата фарма.

Во музејот се наоѓаат и безбројните трофеи на Пан од натпреварите за кои-крапови, пластични скулптури на неговите омилени риби со големина на мали атомски бомби, како и минијатурни скулптури на кои тој е прикажан како држи кои-крап до градите.

Пан, кој се присетил како неговите сонародници на почетокот го омаловажувале нарекувајќи го „одгледувач на златни рипки“, четирипати освоил злато на натпреварот „All Japan Show“.

Тој е горд на својата работа, но рекол дека на патот кон создавањето совршена риба има уште многу работа.

„Во нашите кругови постои една изрека: ’Кои крапот може да вреди 100 јуани, но може да вреди и милион‘“, заклучил Пан.

Фото: Фајненшл тајмс