Дива мисирка предизвика потера на автопатот Гарден Стејт Парквеј во американската сојузна држава Њу Џерси, кога во пресрет на Денот на благодарноста почна да бега пред полициски автомобил, движејќи се цик-цак меѓу сообраќајните ленти.
Инцидентот се случил во средата, ден пред американскиот празник Денот на благодарноста, а полицијата на сојузната држава Њу Џерси објавила снимка од потерата на социјалната мрежа „X“.
Безбедно го напуштила коловозот
На снимката се гледа како мисирката трча по автопат со четири ленти, додека полицискиот автомобил ја следи со вклучена сирена. Во еден момент птицата се обидела и да полета среде коловозот.
„Вчера една мисирка одлучи дека не сака да заврши како главно јадење и поведе полицаец во необична потера по автопатот Гарден Стејт Парквеј“, соопштила полицијата.
На крајот од снимката, која трае 22 секунди, се гледа како птицата се оддалечува кон тревната површина покрај патот.
Полицијата соопштила дека мисирката успеала безбедно да го напушти коловозот и да го избегне сообраќајот, но и да не заврши на празничната трпеза.
Средби со диви мисирки
Ова не е првпат дива мисирка да се најде во центарот на вниманието на патиштата во Њу Џерси.
Надлежните служби во 2009 година речиси се откажале од обидите да фатат дива мисирка што се населила кај клучката 14Б на автопатот Њу Џерси тарнпајк.
Вработените на наплатната станица ја нарекле Тами, а припадниците на државната служба за рибарство и диви животни на крајот успеале да ја фатат со мрежа, пренесе „ABC“.
Слични средби со диви мисирки имало и во други американски сојузни држави.
Полицијата на државата Висконсин соопштила дека една мисирка во местото Гранд Шут покажала дека не се плаши од полицајците и дека обидот на службеникот да ја избрка од патот го сфатила како предизвик.
Откако полицаецот се обидел да ја оддалечи со маневар со службеното возило, птицата почнала да ја колва гумата на неговиот автомобил.











