Доминик де Вилпен, поранешниот конзервативен француски премиер кој стекнал меѓународна препознатливост како симбол на француското противење на американската инвазија врз Ирак во 2003 година, се враќа на политичката сцена. Овојпат неговата цел е да го спречи доаѓањето на Марин Ле Пен на власт во Франција.
Во интервју за „Асошиејтед прес“, 73-годишниот долгогодишен сојузник на покојниот претседател Жак Ширак изјавил дека главната причина за неговата кандидатура на претседателските избори следната година е желбата да ја спречи Марин Ле Пен да го наследи Емануел Макрон.

Во земја обележана со длабоки поделби и општествени тензии, Де Вилпен се залага за помирување како начин да се спречи Франција да потоне во хаос. „Тоа е огромна опасност за нашата република. Тоа е огромна опасност за демократијата“, истакнал тој во опширното интервју во седиштето на својот изборен штаб.
„Мислам дека начинот на кој крајната десница издвојува одредени делови од населението и го отвора патот за ксенофобија, расизам и антисемитизам ја оправдува големата борба за која се подготвуваме. Верувам дека ако Франција падне во рацете на крајната десница, ќе падне и цела Европа“, нагласил тој.
Неговиот став довел до заладување на дипломатските односи со САД
Популарноста на Де Вилпен нагло пораснала откако во 2003 година одржал забележителен говор во Обединетите нации, во кој се спротивставил на инвазијата врз Ирак, планирана од тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш. Како министер за надворешни работи, со своето противење на војната тој го олицетвори францускиот идеал за независност.
Франција тогаш сметала дека воената интервенција во Ирак би била незаконска и се заканила со вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која би се одобрила инвазијата. Решителниот став на Де Вилпен не ја спречил војната, но довел до заладување на дипломатските односи со Соединетите Американски Држави.
Вториот круг е закажан за почетокот на мај
Анкетите со месеци покажуваат дека Марин Ле Пен е фаворитка на претседателските избори и дека во вториот круг, закажан за 2 мај, би можела да влезе како кандидатка со најмногу гласови, пред лидерот на радикалната левица Жан-Лик Меланшон.
Де Вилпен верува дека доаѓањето на Ле Пен на власт би значело пресврт кон нелиберална политика и би ги загрозило републиканските вредности. Тој истакнал дека нејзините планови да им обезбеди предност на француските државјани во однос на странците при остварувањето на правата на социјални надоместоци, домување и вработување би барале измени на Уставот.

„Франција се соочува со ризик од промена на режимот. Дури и самата идеја за републиката би била доведена во прашање“, рекол тој. Де Вилпен, ветеран на традиционалната француска десница, нема поддршка од ниту една голема партија, но верува дека може да изненади и да се пласира во вториот круг.
Тој се приклучил на големиот број кандидати, меѓу кои се и прославениот џудист Теди Ринер и двајца поранешни премиери од мандатот на Макрон. Едно од клучните прашања на кампањата останува кој од нив ќе успее да ги обедини гласачите од политичкиот центар.
„Без одредена согласност од малцинствата не може да има мир во демократијата“
Де Вилпен во својата кампања истакнува и теми блиски до левицата, претставувајќи ги културата и заштитата на животната средина како национални приоритети. Излезот од проблемите со кои се соочува Франција го гледа во компромисот и поголемото вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки преку референдуми.

„Мораме да бидеме свесни дека без одредена согласност од малцинствата не може да има мир во демократијата“, навел Де Вилпен, застапувајќи се за поголема социјална правда.
Тој смета дека наследените привилегии, сè помалите можности за општествено напредување и неправедниот даночен систем ги поткопуваат довербата и општествената кохезија, поради што многу гласачи се уверени дека политичкиот систем повеќе не им служи на нивните интереси. „Ние сме општество на наследници, на луѓе кои ја наследуваат својата положба“, рекол тој.
Мора да собере потписи за поддршка од 500 избрани функционери
Кога станува збор за меѓународната политика, Де Вилпен сака порешителна Европа, која би се спротивставила на царините на американскиот претседател Доналд Трамп и би презела поголема дипломатска иницијатива во однос на Украина и Блискиот Исток. „Мораме да му објасниме на Доналд Трамп дека не е крал на светот“, истакнал тој.

И покрај неговата решителност, сè уште не е јасно дали Де Вилпен воопшто ќе се најде на гласачкото ливче. Најпрво мора да собере потписи за поддршка од 500 избрани функционери, нешто што не му успеало кога се обидел да се кандидира на претседателските избори во 2012 година. „Тешко е“, заклучил тој, зборувајќи за собирањето потписи.
Фото: АП, Ројтерс
















