Според обложувалниците, Том Харди моментално е главен фаворит за улогата на негативец во новиот филм за Џејмс Бонд, пишува „Сан“.
Овој 49-годишен актер кој зад себе има и номинација за Оскар, веќе се докажал во улоги на антихерои и негативци, меѓу другото во филмовите „Темниот витез: Подемот“ и „Повратник“.

Според обложувалниците, коефициентот Харди да го глуми главниот противник на Роберт Патинсон, кој неодамна беше потврден како новиот агент 007, изнесува 3/1. Ситуацијата ја коментирал Џон Хил од обложувалницата Корал.
„Се чини дека обложувачите сметаат дека Харди има сè што е потребно за совршен негативец во Бонд. Сè поголем број од нив веруваат дека токму тој ќе стане следниот противник на тајниот агент“, рекол Хил и додал дека поради сè поголемиот број уплати на Харди, коефициентот паднал од 8/1 на 3/1.
Потсетуваме, Роберт Патинсон (40) ја доби улогата на Бонд во конкуренција на бројни актерски ѕвезди, меѓу кои беа Николас Холт, Калум Тарнер и Џек Лауден, ѕвездата на серијата „Slow Horses“.
Патинсон го наследи Даниел Крег (58), кој последен пат го отелотвори тајниот агент во филмот „Нема време за умирање“ од 2021 година. Работата на првиот филм со Патинсон во улогата на Џејмс Бонд треба да започне на почетокот од следната година.
Меѓу кандидатите е и поранешната девојка на Патинсон
Обложувалниците меѓу потенцијалните негативци споменуваат уште неколку познати актерски имиња, а едно од нив особено го привлекува вниманието. Станува збор за Кристен Стјуарт, поранешната девојка на Патинсон и негова колешка од филмската сага „Самрак“.
Поранешниот пар бил во врска четири години, откако во 2008 година започнале да работат на популарната филмска серија. Коефициентот за 36-годишната американска актерка изнесува 12/1, а извори блиски до продукцијата тврдат дека не треба да биде отпишана како можен кандидат.

„Сè повеќе се дискутира околу тоа кој ќе биде следниот негативец во филмовите за Бонд, а многумина сметаат дека Кристен Стјуарт би била одличен избор“, изјавила Никола Мекгеди од обложувалницата „Ladbrokes“
Според обложувалниците, поголеми шанси има Килијан Марфи, чиј коефициент изнесува 4/1. Добитникот на Оскар веќе се докажал во улога на негативец, толкувајќи го ликот на Страшилото во филмот на Кристофер Нолан „Бетмен: Почеток“ од 2005 година.
Меѓу кандидатите е и Идрис Елба, кој со години се поврзувал со улогата на самиот Џејмс Бонд. Ѕвездата на серијата „Лутер“ и долгогодишен фаворит за улогата на агентот 007 сега би можел да се најде на спротивната страна. Коефициентот дека токму тој ќе го глуми противникот на Бонд изнесува 6/1.











