Младоженец од градот Жарагуа до Сул, на северот од бразилската сојузна држава Санта Катарина, двапати се онесвестил за време на сопствената венчавката. Снимката од необичниот настан брзо се проширила на социјалните мрежи и до средата навечер собрала 1,2 милиони прегледи.
Невестата Луана де Соуса Фогел раскажала како, со помош на кумовите и свекрвата, му помогнала на сопругот Џонатан да закрепне за да можат да ја продолжат церемонијата, пишува бразилскиот портал „g1“.
На младоженецот му се слошило за време на церемонијата
Свадбата на Луана и Џонатан се одржала минатата сабота, на 21 ноември, а церемонијата во лутеранската црква во градот Жарагуа до Сул започнала во 10 часот. Луана раскажала дека Џонатан почнал да се жали на топлината во црквата, иако клима-уредот бил вклучен.
„Почувствував како со целата своја тежина се потпира на мојата рака. Кога го погледнав, веќе беше целосно блед“, се присетила невестата.
Штом сфатила што се случува, им дала знак на кумовите да му помогнат.

„Го легнаа на клупата и му ги кренаа нозете. Беше очигледно дека му паднал крвниот притисок“, рекла Луана.
На помош притрчала и нејзината свекрва, која му го освежила лицето со вода. Кога дошол при себе, ја продолжиле церемонијата, но не за долго.
„Повторно забележав дека не се чувствува добро“, раскажала Луана.

Остатокот од церемонијата го поминал седејќи
На крајот, младоженецот го соблекол сакото и остатокот од церемонијата го поминал седејќи. Му ставиле и малку сол под јазикот во обид да му го покачат крвниот притисок. Луана по професија е медицинска сестра, а дополнително ја смирил и фактот што меѓу гостите имало здравствени работници, па знаела дека Џонатан ќе ја добие потребната помош.
Откако младоженецот бил подобро, парот ја продолжил прославата.

„Верувам дека сето тоа било поради возбудата. Мојот сопруг е земјоделец и навикнат е да работи на високи температури, какви што се вообичаени овде. Кога пристигнавме во салата во која се одржуваше прославата, тој веќе се чувствуваше одлично. Толку добро му беше што славевме до единаесет часот навечер“, раскажала Луана.
Заедно се шест години
Луана има 37, а Џонатан 36 години. Се запознале преку социјалните мрежи и имаат тригодишен син.
„Веќе шест години живееме заедно и сакавме нашата врска да ја крунисаме со брак“, изјавила Луана.









