Замислете место каде што молњите се појавуваат дури 297 ноќи годишно, и тоа во траење до 10 часа дневно.
Звучи како сцена од научнофантастичен филм, но такво место навистина постои. Станува збор за езерото Маракаибо во Венецуела, над кое се одвива еден од најнеобичните природни феномени во светот – молњите на Кататумбо.
„Светилникот на Маракаибо“
Овој спектакуларен феномен е толку чест што се јавува во пет од секои шест ноќи. Во одредени моменти биле забележани и речиси 30 удари на молња во една минута!
На езерото Маракаибо годишно се бележат 233 блесоци на молњи на квадратен километар, што го прави апсолутно светско жариште на атмосферски празнења, пренесува „Severe Weather“.
Зошто молњите се појавуваат толку често токму тука? Одговорот се крие во единствениот спој на географските и климатските услови. Местоположбата на езерото погодува за често создавање олујни облаци, а клучна улога во тоа имаат околните планини и топлиот, влажен воздух.
Во текот на ноќта, постудениот воздух се спушта од планинските венци што се дел од Андите и се судира со топлиот и влажен воздух над езерото. Овој судир на воздушни маси го поттикнува развојот на олуји, особено во подрачјето на устието на реката Кататумбо, каде што таа се влева во езерото Маракаибо.
Поради зачестеноста, интензитетот и редовноста, овој феномен го добил и прекарот „Светилникот на Маракаибо“. Молњите, имено, се видливи од оддалеченост од повеќе десетици километри, па со векови претставувале впечатлив ориентир во ова подрачје.

„Непрекината молња“
Италијанскиот географ Агустин Кодаци своевремено ја опишал оваа глетка како „непрекината молња“, истакнувајќи дека феноменот се јавува на таква местоположба, речиси во правец на меридијанот кај излезот од езерото, што на морепловците им служи како „светилник“.
Поради речиси непрестајната активност, молњите на Кататумбо се познати и под називот „Вечна олуја“.
Пред да станат достапни попрецизни податоци, подрачјето околу селото Кифука во Демократска Република Конго се сметало за место со најголема зачестеност на удари на молња во светот.
Таму годишно биле забележувани 158 блесоци на молњи на квадратен километар, што е значително помалку од 233, колку што му се припишуваат на езерото Маракаибо.








