Пронајден мртов во кревет на 38-годишна возраст: Поранешниот фудбалер пред смртта шокираше со признание

Точка

25/11/2026

21:36

574

Големина на фонт

а а а

Поранешен млад шведски репрезентативец е пронајден мртов во својот кревет на Фарските Острови.

Поранешниот млад шведски фудбалски репрезентативец Кен Фагерберг почина на 38-годишна возраст. Веста за шведскиот весник „Göteborgs-Posten“ ја потврдиле неговите родители, а членовите на семејството навеле дека во понеделникот бил пронајден мртов во својот кревет. Точната причина за смртта засега не е позната.

По трагичната вест, скршениот татко Горан Фагерберг со одбрани зборови се простил од прерано починатиот син.

„Беше најљубезниот човек на светот и имаше златно срце“, изјавил таткото Горан.

„Беше многу талентиран. Можеше да стигне подалеку само да се потрудеше малку повеќе“, додал таткото на починатиот напаѓач.


Рано го привлече вниманието, па замина во Данска

Фагерберг привлече големо внимание во 2007 година, настапувајќи за шведскиот Ергрите, кога во вториот ранг на тамошниот фудбал постигна 12 гола на 22 натпревари. По тој успешен период следуваше трансфер во данскиот Митјиланд.

Во Данска ги носеше дресовите на Виборг, Хорсенс и Вендсисел. Особено се истакна за време на позајмицата во Виборг во 2011 година, каде што на 13 натпревари успеа да постигне десет гола. Подоцна се врати на шведските терени, играјќи за Асириска и Љунгшиле. За репрезентацијата на Шведска до 19 години одигра шест натпревари и постигна четири гола, додека за селекцијата до 21 година забележа еден настап.


Отворено признание за тешките зависности

Пред четири години, Фагерберг во поткаст на порталот „Bold.dk“ сосема отворено проговори за проблемите што го одбележале неговиот спортски пат и поради кои, според многумина, никогаш не го искористил целосно својот талент.

„Да, го потрошив талентот. Живеев многу деструктивен живот, со постојана злоупотреба на дрога и алкохол. Почна уште додека играв во Шведска, а тој начин на живот го донесов со себе во Данска. Се движев во погрешно друштво. Да не беше фудбалот, работите ќе завршеа многу полошо“, изјавил тогаш Фагерберг.

Фудбалскиот пат во 2017 година го одведе на Фарските Острови, каде што настапуваше за 07 Вестур, ТБ Тверојри и Ројн Хвалба, во кој истовремено беше играч и тренер. На Фарските Острови ја заврши професионалната играчка кариера, а таму продолжи да живее и да работи како тренер сè до ненадејната смрт.