[ФОТО] Куќа без ниту еден прав агол: Во Мексико постои спектакуларен дом во форма на џиновска школка

Точка

25/11/2026

14:27

299

Големина на фонт

а а а

Куќата Наутилус во мексиканскиот град Наукалпан де Хуарез е дело на архитектот Хавиер Сеносијаин. Била завршена во 2007 година, а оваа необична семејна куќа ги спојува органската архитектура, заоблените линии и шарени витражи кои го исполнуваат ентериерот со игра на светлина.

Во мексиканскиот град Наукалпан де Хуарез, северозападно од Мексико Сити е сместена една од најнеобичните семејни куќи во светот. Станува збор за куќата Наутилус (Casa Nautilus), светски познат пример за органска архитектура осмислена од мексиканскиот архитект Хавиер Сеносијаин.


Завршена во 2007 година за младо семејство со две деца, куќата е обликувана во форма на џиновска школка наутилус. Уште на прв поглед е јасно дека таму не важат вообичаените правила за градба – во внатрешноста речиси и да нема прави агли, а ѕидовите, подовите и таваните незабележливо се прелеваат во меки, заоблени кривини.


Мебел што „израснува“ од ѕидовите 

Посебноста на просторот не лежи само во спиралниот план (основа), туку и во начинот на кој е уреден ентериерот. Голем дел од мебелот е составен дел од самата конструкција – работните маси, полиците за книги и играчки, па дури и трпезариската маса во кујната буквално извираат од заоблените ѕидови.


Низ целиот простор се провлекува шарен мозаик од витражи и овални прозорци во боја, низ кои во текот на денот во внатрешноста продира светлина во нијанси на виножито. Таквата комбинација од заоблени површини, вграден мебел и игра на бои создава впечаток на престој во своевидна модерна, топла пештера инспирирана од природата.



Фероцемент, отпорност на земјотреси и природна вентилација

Иако на прв поглед изгледа кревко и бајковито, куќата Наутилус е изградена со многу промислена техника. Сеносијаин користел фероцемент – челична арматурна мрежа прекриена со тенок слој бетон со дебелина од само четири до пет сантиметри, што овозможило обликување на сложени двојни кривини налик на глина. Токму таа непрекината спирална форма ѝ дава исклучителна цврстина и отпорност на земјотреси.




Архитектот, чијашто работа често се споредува со пристапот на Антонио Гауди и Френк Лојд Рајт размислувал и за природната регулација на климата. Куќата има два подземни вентилациски канали низ кои надворешниот воздух влегува во просторот, ладејќи го за време на жешките денови и благо загревајќи го кога температурите ќе опаднат.



На површина од околу 330 квадратни метри, заедничките и приватните простории природно се надоврзуваат една на друга без остри граници, потврдувајќи ја филозофијата на Сеносијаин за биоархитектура – идејата дека домот не мора да биде збир од затворени кутии, туку простор што ги следи облиците и ритамот на природата.