Не сите маснотии во нашиот организам се складираат во ткивата. Некои нивни форми постојано циркулираат низ крвотокот.
Ден за ден, триглицеридите минуваат низ крвните садови, спакувани во липопротеински честички, подготвени да бидат искористени како извор на енергија или складирани за подоцнежна употреба.
Меѓутоа, кога ќе дојде до нарушување на метаболизмот на мастите во организмот, триглицеридите можат да се наталожат во крвотокот, зголемувајќи го ризикот од кардиоваскуларни болести.
Нова инјекција би можела да го намали нивото на овие маснотии во крвта за дури 46 отсто.
Во клиничкото испитување од фазата 2Б, чии резултати се објавени во списанието „The New England Journal of Medicine“, новата терапија со антитела го нормализирала нивото на триглицериди кај повеќе од половината од пациентите кои примиле висока доза од лекот.

Лекот се вика „MAR001“ и е во сопственост на компанијата „Marea Therapeutics“, која неодамна ја презеде компанијата „Lisata Therapeutics“, а која го финансирала ова клиничко испитување, пренесе „Science Alert“.
„И покрај напредокот во терапиите за намалување на нивото на липиди, многу пациенти и понатаму имаат покачени триглицериди и зголемен кардиоваскуларен ризик“, истакнала главната авторка на клиничкото испитување, кардиологот Мишел О’Донахју од здравствената установа „Mass General Brigham“.
Како што додала, „резултатите укажуваат на тоа дека MAR001 би можел безбедно и ефикасно да го намали нивото на триглицериди“.
„MAR001“ е моноклонално антитело кое дејствува против протеинот познат како „ANGPTL4“. Нивото на овој протеин особено е покачено по периоди на гладување, а тој ја инхибира липопротеинската липаза, главниот ензим одговорен за разградување на триглицеридите во крвотокот.
Лицата со одредени варијанти на генот што го кодира протеинот „ANGPTL4“ имаат пониско ниво на триглицериди, како и помал ризик од дијабетес и коронарна срцева болест.
„MAR001“ е лек осмислен така што ги искористува овие предности. Различни дози од лекот биле тестирани кај 235 учесници со покачено ниво на триглицериди.
Пациентите кои учествувале во рандомизираното, двојно слепо клиничко испитување биле распределени во 48 центри во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Во текот на вкупно 24 недели примале по една поткожна инјекција на секои четири недели.

Некои учесници примале плацебо, додека други добивале „MAR001“ во дози од 300, 450 или 900 милиграми.
За само 12 недели сите дози на лекот „MAR001“ покажале ветувачки резултати.
Инјекциите од овој нов лек значително го намалиле нивото на триглицериди на гладно, за 39 до 46 отсто во споредба со плацебото. Лекот, исто така, го намалил нивото на ремнантен холестерол (холестеролот во преостанатите липопротеински честички) за 37 до 41 отсто.
Овој двоен ефект би можел значително да ги намали кардиоваскуларните ризици, иако за време на испитувањето не биле анализирани долгорочните здравствени исходи.
Меѓутоа, по само 12 недели, речиси 52 отсто од пациентите кои ја примиле најголемата доза на лекот „MAR001“ достигнале нормални вредности на триглицериди, во споредба со само 3,4 отсто од оние кои примале плацебо.
Покрај тоа, овие позитивни ефекти главно се случиле во текот на 24 недели, што укажува на можност за долготрајно дејство.
Кога нивото на триглицериди во крвта ќе достигне 500 mg/dL или повеќе, станува збор за тешка хипертриглицеридемија (sHTG).

Тоа е опасна состојба која може да го зголеми ризикот од акутен панкреатитис, односно ненадејно воспаление на панкреасот.
Во неодамнешното клиничко испитување, се чини дека најголема корист од инјекциите „MAR001“ имале учесниците со највисоки почетни вредности на триглицериди.
Кај оваа група испитаници нивото на триглицериди е намалено за дури 72 отсто во однос на почетните вредности.
„Овие резултати се особено охрабрувачки имајќи ја предвид потребата за дополнителни можности за лекување на тешка хипертриглицеридемија, кај која многу пациенти и понатаму се изложени на ризик од сериозни компликации, вклучувајќи акутен панкреатитис, и покрај моментално достапните терапии“, објаснила О’Донахју.
Дополнително истражување посветено на оваа состојба веќе е во тек.
„MAR001 ги исполни сите цели во делот А од испитувањето и веруваме дека овие податоци даваат убедлива клиничка потврда за ефикасноста на инхибицијата на протеинот ANGPTL4“, изјавил Џош Лерер, извршниот директор на компанијата „Marea Therapeutics“.
Потоа додал дека „на лицата со тешка хипертриглицеридемија им е потребна терапија која може да помогне во спречувањето на панкреатитис, а притоа да не го влоши ризикот од дијабетес и кардиоваскуларни болести, на кој многумина од нив веќе се изложени.

„Веруваме дека MAR001/MAR005 има потенцијал да стане таква терапија. Сега со голем замав преминуваме на делот Б од испитувањето кај пациенти со тешка хипертриглицеридемија“, рекол Лерер.
„MAR005“ е верзија на лекот „MAR001“ со продолжено дејство, која моментално е во фаза на клинички развој.
Меѓутоа, кардиологот Ренука Џејн, која не учествувала во испитувањето, нагласила дека е потребно да се соберат повеќе податоци пред овие лекови да бидат одобрени за употреба.
„Потребни се подолгорочни истражувања на поразновидни групи испитаници за да се утврди дали ова намалување се одржува, како и за подобро да се разберат клиничките исходи и ефектите од долготрајното лекување“, објаснила Џејн на веб-страницата на Американскиот колеџ за кардиологија.
Оваа година, истражувачите на метаболизмот на липиди Миријам Ларуш и Даниел Годе од Универзитетот во Монтреал во Канада наведоа во списанието „The Journal of Clinical Endocrinology & Metabolism“ дека започнува новата ера во лекувањето на тешката хипертриглицеридемија.
Неодамна уште неколку лекови, како „MAR001“, покажале добри резултати во клиничките испитувања.
Во август, на пример, лекот под името плозасиран (комерцијален назив Редемпло) покажал намалување на нивото на триглицериди за приближно 80 отсто по една година, во споредба со околу 27 отсто во плацебо-групата.

Покрај тоа, во две клинички испитувања од фазата 3 било забележано намалување на вкупниот број случаи на акутен панкреатитис за 78 проценти.
Американската Управа за храна и лекови (FDA) го одобри плозасиран за намалување на нивото на триглицериди, но само кај возрасни лица со ретко генетско нарушување кое влијае врз способноста на организмот да ги разградува мастите во крвотокот.
Меѓутоа, како што истакнуваат Ларуш и Годе, плозасиран може да доведе до благо влошување на контролата на нивото на шеќер во крвта кај пациентите со предијабетес или дијабетес.
„MAR001“, пак, дејствува на поинаков начин и се чини дека не доведува до влошување на контролата на нивото на шеќер во крвта.
„Со оглед на улогата на протеинот ANGPTL4 во масните клетки, неговата инхибиција би можела да биде ефикасна кај широк спектар нарушувања на метаболизмот на липиди, под услов да е зачувана доволна активност на липопротеинската липаза“, наведуваат Ларуш и Годе.
Постои голема и сè уште незадоволена потреба за терапии наменети за пациенти со опасно високо ниво на триглицериди, а новите можности за лекување би можеле наскоро да бидат достапни.











