[ФОТО/ВИДЕО] Порториканката Џенифер Барето е новата Мис Универзум: По 20 години круната се врати во нејзината земја

Точка

25/11/2026

07:38

417

Големина на фонт

а а а

Порториканката Џенифер Барето е прогласена за нова Мис Универзум, откако победи на 75-тото издание на еден од најпознатите светски избори за убавина, одржано во Сан Хуан во Порторико.

Дваесет и седумгодишната Барето ја освои круната на финалната вечер одржана на 24 ноември во „Coliseo de Puerto Rico José Miguel Agrelot“, каде што се натпреваруваа 116 претставнички од различни земји и територии.


Круната ѝ беше врачена од рацете на досегашната Мис Универзум, Мексиканката Фатима Бош, со што Порторико по 20 години повторно доби победничка на овој престижен натпревар. Ова е шеста титула Мис Универзум за таа карипска територија, а последната претставничка што ја освои беше Зулејка Ривера во 2006 година.


За прва придружничка беше прогласена Мелиса Нуњес од Доминиканската Република, додека второто место ѝ припадна на Клара Вегас од Венецуела. Меѓу петте најдобри се пласираа и претставничките на Филипини, Беа Милан-Виндорски, и на Нов Зеланд, Џорџија Вадингтон.


Инаку Барето не го привлече вниманието само со својот настап на изборот за убавина. Таа има академско образование во областа на психологијата и социјалната работа, а професионално се занимавала со превенција на семејно насилство, заштита на децата и пружање поддршка на семејствата.


Според пишувањата на списанието „Пипл“, Барето е првата мајка која ја освоила титулата Мис Универзум. Таа ја има ќерката Пенелопе, а нејзината победа е особено значајна во контекст на сè поголемата застапеност на жените со различни животни искуства на меѓународните избори за убавина.