Пратеникот Бојан Стојаноски ја претстави итегрален буџет за 2027 година, кој предвидува капитални инвестиции од околу 663 милиони евра насочени кон инфраструктурни проекти како автопати, железници и комунални услуги, со цел да се поттикне економскиот развој и подобрување на инфраструктурата во Република Македонија.
Буџетот за 2027 година е буџет на развој со околу 663 милиони евра за капитални инвестиции, интензивно ќе се работи на изградба на автопатските и железнички делници, ќе се градат пречистителни станици, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Капиталните инвестиции заземаат централно место во Буџетот, за кои се предвидени 40,8 милијарди денари, односно околу 663 милиони евра, средства кои што се наменети за реализација на проекти кои имаат долгорочно значење за економскиот развој и подобрувањето на инфраструктурата во државата. Дополнително, преку Јавното претпријатие за државни патишта се планирани уште 18 милијарди денари инвестиции, од кои над 12 милијарди денари се проектирани за изградба на патните делници Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, како дел од стратешките инфраструктурни коридори 8 и 10д“, рече тој.
Стојаноски додаде дека продолжува и реализацијата на автопатските делници Кичево–Охрид, Кичево–Букојчани и Скопје–Блаце, со што се создаваат услови за подобра поврзаност на регионите, побезбеден сообраќај, полесен транспорт на стоки и услуги и поголема конкурентност на македонската економија.
Посебно значајни, додаде Стојаноски, се инвестициите во железничката инфраструктура, каде што за 2027 година се предвидени 6,2 милијарди денари, што претставува зголемување од 53,6% во однос на претходната година.
„Продолжува изградбата на железничката делница Бељаковце–Крива Паланка, а се планираат и активности за делницата Крива Паланка–граница со Бугарија, како и изградба и опремување на заедничката железничка гранична станица Табановце и започнување на проектот за набавка на нови дополнителни локомотиви. Паралелно со патната и железничката инфраструктура, продолжуваат и инвестициите во комуналните проекти, меѓу кои се и пречистителните станици во Скопје, Тетово и Битола, како и планираните активности во Велес, Штип и Виница“, рече Стојаноски.
Пратеникот додаде дека за владината програма „Економски развој“ во 2027 година се планирани 9,7 милијарди денари, што претставува зголемување од 30,5% во однос на 2026 година, а средствата се насочени кон поддршка на инвестициските вложувања, привлекување на нови инвеститори и создавање подобри услови за раст и развој на домашните компании.












