Комунална хигиена-Скопје: Во текот на минатата недела се отстранети 850 кубни метри отпад од диви депонии

Макфакс

24/11/2026

09:30

115

Големина на фонт

а а а

ЈП Комунална хигиена-Скопје во изминатата недела организираше интензивни активности за отстранување на комуналниот и кабастиот отпад од јавните површини во Скопје, со акцент на дивите депонии. Континуирано се спроведуваат акции за чистење и одржување на јавната хигиена, а еко-патролата изготви записници за прекршоци на територијата на градот.

Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 3500 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје, извести Комунална хигиена-Скопје.


„Во истиот период се отстранети 850 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е подигнато во општината Центар, каде што се расчистени вкупно 190 кубни метри отпад од диви депонии.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 20 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници – вкупно 14, беа врачени на територијата на скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје континуирано реализира активности за одржување на јавната хигиена на скопските булевари и улици преку машинско миење со употреба на автоцистерни, што се одвива во доцните вечерни часови.

Секојдневно, во три смени, се спроведува миење и метење и на плоштадите и пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев” и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија.


Во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје учествуваа и во акција за чистење на подвозникот на булеварот Гоце Делчев под стоковната куќа „Мост“, координирана од Градот Скопје“, се наведува во соопштението на Комунална хигиена-Скопје.