Шест факултетски студентски собранија на УКИМ најавија повлекување на своите делегати од Универзитетското студентско собрание поради нелегитимност, нарушување на Статутот, и нееднаква застапеност на факултетите. Тие ја критикуваат тајната распределба на функции и бараат транспарентност и ревизија на мандатите.
Факултетските студентски собранија на ФЕИТ, ТМФ, ФИНКИ, ФДУ, ФЛФ и ФФОСЗ најавија дека ги повлекуваат своите делегати од Универзитетското студентско собрание.
„Се оградуваме од работата на УСС УКИМ. Сегашниот состав на УСС УКИМ, според нас, не е легитимен. Верификацијата на мандатите не беше спроведена според исти критериуми за сите, Статутот на УСС УКИМ се прекршува, а факултетите не се еднакво застапени во телата на Универзитетот“, се истакнува во соопштението.
Ова, додаваат од таму, не е начинот на работа на едно студентско тело кое треба да ги претставува студентите на најстариот и најголемиот универзитет во државата, особено не, како што велат, на тело кое располага со јавни средства и има одговорност да работи во интерес на студентите.
„Тајни постапки, притисоци, еднасходни договорени одлуки, наметнување луѓе и распределба на функции зад затворени врати се спротивни на секој принцип на демократско и транспарентно студентско организирање“.
Прашуваат до кога студентските тела ќе бидат простор за лични интереси, наместо глас на студентите.
„Бараме јавно преиспитување на мандатите, еднаква застапеност за сите факултети и нова, транспарентна постапка за конституирање на собранието.
Ги повикуваме студентските собранија на останатите факултети да ни се придружат“.
















