Компанијата dm drogerie markt успешно го реализираше петтото масовно пошумување во рамки на проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“, кое се одржа на 22 ноември во селото Немањици, Свети Николе. Настанот обедини повеќе од 400 волонтери, кои заедно со вработените во dm ги здружија силите за засадување на 30.000 нови садници.
Со годинашното пошумување, иницијативата достигна значаен резултат од вкупно 180.000 засадени дрвја ширум земјата од нејзиниот почеток во 2022 година. Проектот продолжува да се реализира во соработка со долгогодишните партнери на dm – Македонското еколошко друштво (МЕД) и ЈП „Национални шуми“.

Покрај пошумувањето, учесниците имаа можност да се вклучат и во организирано чистење на околината, при што беа собрани повеќе од 50 кеси со отпад, со капацитет од 120 литри секоја. На овој начин, заедничкиот ангажман не заврши само со засадување нови дрвја, туку придонесе и за почист и поуреден простор.
Временските услови овозможија активностите да се одвиваат според планираното, во позитивна атмосфера исполнета со ентузијазам, дружење и заедничка работа на отворено. Големиот одѕив и посветеноста на присутните уште еднаш ја потврдија важноста на заедничкото дејствување во грижата за природата.

- Особено нè радува што интересот за нашето традиционално пошумување од година во година е сè поголем. Она што го започнавме пред пет години денес прерасна во убаво заедничко дружење, кое нè обединува околу една важна цел – да направиме нешто добро за природата што ќе остане и за идните генерации. Особено ни е драго што овојпат, покрај пошумувањето, придонесовме и за почиста околина, бидејќи сакаме зад нас да оставиме не само нови садници, туку и почист и поубав простор - изјави Сандра Атанацковиќ Ѓурѓев, дел од маркетинг тимот на dm.
Она што во 2022 година започна како иницијатива за обновување и збогатување на зелените површини, денес прерасна во традиција што ги обединува вработените во dm, волонтерите и граѓаните околу заедничка цел. Проектот започна во скопско Миладиновци, а во изминатите години пошумувањата продолжија во близина на опсерваторијата Кокино, кај езерото Младост во Велес и во селото Калапетровци, во околината на Штип. Со годинашното издание во Немањици, иницијативата опфати уште една локација, продолжувајќи го придонесот кон обновувањето и збогатувањето на зелените површини низ земјата.

Покрај масовните пошумувања, dm продолжува со активности за раззеленување и на воспитно-образовните установи преку еко-конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“, кој го реализира во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД). Еко-конкурсот е отворен за пријавување, а dm ги повикува сите заинтересирани државни и општински основни и средни училишта, како и градинките низ земјата, да го пријават својот двор преку формуларот на платформата „Заедно едни за други“. На овој начин, воспитно-образовните установи имаат можност да добијат поддршка за хортикултурно уредување на своите надворешни простори и да придонесат за создавање позелена и попријатна средина за учење, игра и дружење.

Со 180.000 засадени дрвја во рамки на проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“, дополнителните активности за чистење на природата и континуираното раззеленување на градинките и училиштата, dm drogerie markt ја продолжува својата посветеност на заштитата на животната средина. Преку соработката со партнерите и вклучувањето на граѓаните, компанијата продолжува да поттикнува конкретни активности што придонесуваат за позелена иднина.
















