Протеините се важен дел од исхраната, но не сите нивни извори се подеднакво добри за здравјето. Некои намирници содржат големи количества заситени масти и натриум, што долгорочно може негативно да влијае врз нивото на холестерол и крвниот притисок.
Едно јајце содржи околу шест грама протеини, но постојат и намирници што во наведените порции содржат значително повеќе. Притоа се богати со растителни влакна, здрави масти и други важни хранливи материи. Порталот „EatingWell“ издвои четири такви намирници, пренесува „Index.hr“.
Намирници богати со протеини
Едамаме
Половина шолја исчистено едамаме, односно млади зрна соја, содржи околу девет грама протеини. Станува збор за една од ретките растителни намирници што ги содржи сите девет есенцијални аминокиселини, поради што се смета за целосен извор на протеини.
Едамамето е богато со растителни влакна, калиум и магнезиум, а содржи малку заситени масти. Влакната и растителните соединенија во мешунките можат да помогнат во намалувањето на холестеролот и одржувањето здрав крвен притисок.
Замрзнатото едамаме лесно се подготвува во микробранова печка, а исчистените зрна можат да се додадат во салати, јадења со ориз или тестенини.

Леќа
Половина шолја варена леќа содржи околу девет грама протеини и речиси осум грама растителни влакна.
Влакната можат да помогнат во намалувањето на вкупниот и ЛДЛ, односно лошиот холестерол, додека антиоксидансите и растителните соединенија придонесуваат за здравјето на срцето.
Освен што е хранлива, леќата е и ценовно достапна. Може да се користи за подготовка на супи и чорби, а добро се комбинира и со мелено месо во ќофтиња, плескавици и болоњезе-сос.

Лосос
Порција лосос од 85 грама содржи околу 21 грам протеини.
Освен што е одличен извор на протеини, лососот е богат со омега-3 масни киселини, кои можат да помогнат во намалувањето на воспалителните процеси и ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Американското здружение за срце препорачува консумирање риба најмалку двапати неделно.
Лососот може да се подготви во рерна или во фритеза на топол воздух, а добар избор е и конзервираниот лосос. Може да се додаде во салати или да се користи за подготовка на рибни плескавици.

Сардини
Сардините се уште еден одличен извор на протеини. Конзерва од приближно 106 грама содржи околу 23 грама протеини, а дополнително обезбедува омега-3 масни киселини и калциум.
Содржат и калиум, магнезиум, цинк, железо и други корисни хранливи материи што можат да придонесат за здравјето на срцето.
Ако досега не сте ги јаделе често, можете да ги послужите со крекери, зеленчук и маслинки или врз потпечен леб со сос од домати.











