Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка предлага акциски план со буџет од околу 46 илјади евра за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот, вклучувајќи огради, механизација и логистичка поддршка, со цел заштита на граѓаните и нивниот имот.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Крива Паланка ќе поднесе барање за свикување вонредна седница, на која ќе предложи усвојување акциски план за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток.
Координаторот на советничката група, Александар Рангелов, на денешната прес-конференција истакна дека проблемот трае со години, граѓаните трпат материјални штети, а нивната безбедност е загрозена.
„Доста беше од прес-конференции, меѓусебни обвинувања и префрлање на одговорноста! Време е за конкретни решенија! Наместо да бараме виновници и да чекаме некој друг да ја заврши работата, ние подготвивме конкретен план кој содржи мерки, носители на одговорност, рокови за реализација, финансиска конструкција и механизам за контрола“, изјави Рангелов.
Предложениот акциски план предвидува итна евиденција на критичните локации на кои се движи добитокот, обезбедување оградени простори и мобилни трла за привремено сместување на животните, како и два трактора со преден утоварувач, мобилна рампа и потребна механизација.
Предвидено е и ангажирање 15 лица за логистичка поддршка, со вклучување на капацитетите на ЈП „Комуналец“, обезбедување вода и храна за животните и оперативна координација со Агенцијата за храна и ветеринарство за нивно законито заловување, транспорт и понатамошно постапување.
За реализација на мерките, советничката група предлага да се издвојат 2.850.000 денари, или околу 46.300 евра од општинскиот буџет.
Според планот, оперативната координација треба да се воспостави во рок од 24 часа, критичните локации да се евидентираат за 48 часа, а местата за привремено сместување на животните да се утврдат во рок од три дена. Првиот извештај до Советот треба да биде доставен во рок од седум дена.
Рангелов порача дека не бараат Општината да ги преземе надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство, туку активно да се вклучи во решавањето на проблемот.
„Нашето прашање до градоначалникот е едноставно: Што од ова не може да направи Општината? Дали не може да обезбеди простор? Дали не може да обезбеди механизација? Дали не може да организира работна сила? Или не може да воспостави координација со надлежните институции?“, праша Рангелов.
Тој ги повика сите советници, без разлика на политичката припадност, да го поддржат предлогот, нагласувајќи дека станува збор за безбедноста на граѓаните, заштитата на нивниот имот и одговорноста на институциите.
„Кога има волја, се бара решение. Кога нема волја, се бара виновник. Ние понудивме решение. Сега очекуваме Општината да покаже одговорност и реализација“, порача Рангелов.












