Чешка им забрани влез на руските спортисти

Макфакс

18/11/2026

19:20

169

Големина на фонт

а а а

На руските спортисти нема да им биде дозволен влез во Чешка, земја која во јануари ќе биде домаќин на Светското првенство во хокеј на мраз за жени до 18 години (IIHF), изјави чешкиот министер за внатрешни работи, Лубомир Метнар.

Toj за Чешката телевизија потврди дека владата нема да издава визи за руските спортисти. Тој додаде дека Министерството за внатрешни работи има законско овластување да го спречи влезот дури и на оние кои веќе добиле визи од други земји во Шенген-зоната.

На 30 октомври, Судот за спортска арбитража (CAS) ѝ наложи на Меѓународната федерација за хокеј на мраз (IIHF) да им дозволи на руските национални тимови учество на меѓународни натпреварувања. Со ова практично беше укината забраната што беше воведена по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Сепак, некои земји се противат на враќањето на руските тимови во меѓународните натпреварувања поради тековната руска агресија врз Украина. Неколку национални тимови исто така најавија дека ќе одбијат да играат против руските екипи.

„Што се однесува до мене, ништо не е променето. Владините одлуки остануваат на сила, со што практично се забранува издавање визи и учество на руски спортисти на нашето првенство“, рече Метнар.

Министерот беше прашан што ќе се случи доколку руските спортисти се обидат да влезат во Чешка користејќи визи издадени од други земји во Шенген-зоната, простор каде што патувањето е можно без рутински гранични контроли. Метнар одговори дека чешкиот министер за надворешни работи веќе ги известил своите колеги од Европската унија за ова прашање.

„Доколку дојде до такво нешто, Министерството за внатрешни работи располага со законски инструменти за справување со ситуацијата“, изјави тој.

Во неделата, Меѓународната федерација за хокеј на мраз потврди дека Русија нема да учествува на Светското јуниорско првенство во 2027 година во Канада, кое започнува кон крајот на декември. Причината е ограничувањето за влез воведено од канадската влада.