Објавени се ретки снимки на кои се гледа како припадници на изолирано племе излегуваат од оддалечен дел на бразилската амазонска прашума за да побараат храна.
Организацијата „Survival International“, со седиште во Велика Британија, објави фотографии и снимки од оваа „историска средба“, која се случила во североисточната бразилска сојузна држава Марањао, меѓу владин тим и околу 20 припадници на домородниот народ Ава, кои досега немале контакт со надворешниот свет.
Оваа организација за заштита на правата ги дефинира изолираните групи како домородни народи кои избегнуваат контакт со луѓе надвор од своите заедници и не одржуваат трајни односи со нив, иако се свесни за постоењето на надворешниот свет.
Организацијата наведе дека оваа средба ги истакнува заканите со кои се соочува народот Ава поради дрвосечачите, ловците и сточарите.
„Во поновата историја немало слично приближување на припадниците на народот Ава, секако не во последните неколку децении“, соопшти организацијата „Survival International“, додавајќи дека припадниците на племето можеби побарале храна поради притисокот предизвикан од навлегувањето на луѓе од надворешниот свет на нивната територија.
Бразилската државна агенција за прашања на домородното население, „Фунаи“ во изјава за агенцијата „Ројтерс“ соопшти дека ги разгледува видеоснимките и извештаите објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како припадници на изолираниот народ Ава стапуваат во контакт со жителите на едно село на домородната територија Арарибоја, во сојузната држава Марањао.
Агенцијата соопшти дека активирала план за вонредни ситуации во случаи на воспоставување контакт, со посебен акцент на намалување на здравствените ризици за припадниците на домородното население.
„Фунаи“, исто така, наведе дека бразилската држава не се обидува да воспостави контакт со оваа група и дека нејзината политика и понатаму предвидува избегнување контакт.
Народот Ава припаѓа на групата народи Тупи-Гуарани и живее во северозападниот дел на сојузната држава Марањао, а некои негови припадници и понатаму живеат во доброволна изолација.
Организацијата „Survival International“ соопшти дека ги објавила снимките на барање на група домородни жители позната како „Чувари на Амазонија“, која води кампања против нелегалните дрвосечачи и сточари.
Локалните претставници на заедницата изјавија дека жителите на селото им понудиле храна на припадниците на племето.
„Побараа јам (вид коренест зеленчук) и го однесоа назад во својата шума“, соопшти организацијата „Survival International“.
Видеоснимката од средбата, која ја снимиле жителите на селото од народот Гуажажара, а ја објавила организацијата „Survival International“, прикажува група мажи, жени и деца на работ на шумата.

Делумно скриени зад вегетацијата, припадниците на племето изгледаат како да се голи и носат ѓердани. Мажите со себе имале лакови и долги стрели.
Невладината организација објасни дека народот Ава традиционално преживува од лов и собирање плодови и други намирници од природата. Меѓутоа, во последните години се соочува со сè почести упади на нелегални дрвосечачи, ловци и сточари на својата територија.
Во последните децении, изолираните домородни групи ширум Амазонија, најголемата прашума во светот, се најдоа во опасност поради навлегувањето на нелегални рудари, дрвосечачи и сточари.
„Изолираните припадници на народот Ава се под екстремен притисок бидејќи натрапниците навлегуваат од сите страни на нивната територија, принудувајќи ги да живеат на сè помал остров од амазонската прашума, опкружен со уништување“, изјавила Каролина Пирс, директорка на организацијата „Survival International“.
Таа додала дека одлуката на групата да излезе од изолација е „вознемирувачки показател за тоа како континуираното навлегување во шумите на изолираните народи ги доведува во вистинска опасност домородните заедници кои инаку се способни самостојно да ги задоволуваат своите потреби“.

Организацијата идентификувала 196 изолирани домородни групи во десет земји во Јужна Америка, Азија и Пацификот. Според нејзините податоци, речиси 95 отсто од овие групи се наоѓаат во Амазонија, а 124 од нив живеат во Бразил.
Организацијата на домородните народи од Марањао, „COAPIMA“, соопшти дека средбата со народот Ава „ја нагласува важноста од внимателно постапување на надлежните институции, имајќи ги предвид ризиците што непланираниот контакт може да ги претставува за изолираните домородни заедници, особено поради изложеноста на болести и други закани за нивниот интегритет“.
„Физичката состојба на некои од припадниците на племето, особено на децата и постарите лица, предизвикала загриженост кај жителите на селото, кои забележале јасни знаци на сериозна исцрпеност и неисхранетост“.
Ова се случува откако папата Лав XIV остро го осуди она што го нарекол експлоатација на амазонската џунгла и ги повикал католиците „истрајно“ да се спротивстават на уништувањето на шумите и загадувањето предизвикано од експлоатацијата на злато и нафта.
Папата, кој во рамките на својата турнеја низ Јужна Америка се сретнал со претежно домородно население во перуанскиот дел на Амазонија, исто така изразил жалење поради серијата убиства на племенски водачи кои протестирале против уништувањето на шумите, нагласувајќи дека овие убиства мора да бидат расветлени.

„Многу домородни водачи се убиени затоа што ги бранеле своите територии“, изјавил папата Лав XIV во перуанскиот град Пукалпа, источната порта кон Амазонија, кој се наоѓа на околу 200 километри западно од бразилската граница.
„Крвта на овие наши браќа вика кон Бога и бара правда!“, изјавил тој.
Многу припадници на домородната заедница на настанот носеле сложени традиционални носии и украси за глава со пердуви, а на нивните лица биле насликани детални геометриски шари.
Папата Лав XIV е познат по тоа што внимателно ги избира зборовите и избегнува изјави што би предизвикале големо медиумско внимание. Меѓутоа, во последните месеци тој станал сè погласен на светската сцена, критикувајќи ја насоката во која се движи глобалното лидерство.
Претходно оваа година го предизвикал гневот на американскиот претседател Доналд Трамп поради неговата осуда на војната во Иран.
















