Советот и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за поедноставни постапки и дигитални портали. Следува формално усвојување.
Советот на ЕУ и Европскиот парламент рано утрово, на 18 ноември, постигнаа привремен договор за забрзување на дозволите за проекти за обновлива енергија, електроенергетски мрежи и складирање енергија, соопшти Советот на ЕУ.
Целта е да се намалат административните доцнења при одобрувањето и приклучувањето на нови проекти, вклучувајќи станици за полнење. Предвидени се единствени или поврзани дигитални портали преку кои инвеститорите ќе ги поднесуваат барањата.

Земјите членки ќе можат да одлучат неодговарањето на институциите во одредени меѓучекори од постапката да се смета за премолчено одобрување. Договорот предвидува и можност обновливите извори и мрежите да се третираат како проекти од надвладувачки јавен интерес, со определени исклучоци.
За обновливи проекти со инсталирана моќност над 7 мегавати се предвидуваат принципи за правично споделување на придобивките со локалните заедници.
Договорот сè уште треба да биде потврден и формално усвоен од двете институции. Потоа земјите членки ќе имаат година и пол за пренесување на одредбите во националното законодавство.












