Трамп во Манила: „Америка стои зад филипинскиот народ, нашиот сојуз никогаш не бил подобар“

Макфакс

18/11/2026

07:40

186

Големина на фонт

а а а

Доналд Трамп престојуваше во Манила, каде што ја истакна силната соработка и сојуз со Филипините, нагласувајќи ја важноста на одбранбената соработка и пријателството меѓу САД и Филипините.

Додека Ши и Путин водеа разговори во Кина, Доналд Трамп престојуваше во Манила. Во претседателската палата „Малакањанг“ му беше приреден свечен пречек, додека се интонираше американската химна, а тој стоеше покрај филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Помладиот.

Трамп, придружуван од Маркос, чекореше по црвениот тепих и изврши смотра на војниците. Филипинскиот претседател му ја покажа внатрешноста на палатата, по што Трамп забележа дека Филипините и САД имаат сличен „архитектонски вкус“.

„Ми се допаѓа тоа што сте го направиле овде“, рече тој.

За време на средбата имаше и поопуштени моменти. Маркос откри дека претходната вечер ѝ испратил пржено пилешко од филипинскиот ланец за брза храна „Џолиби“ (Jollibee) на делегацијата на Трамп, како ужина доцна навечер. Тој тврдеше дека овој ланец, според популарноста во САД, го „надминал КФЦ“, на што Трамп одговори: „Фантастично“.

Трамп додаде дека е во Манила за „повторно да го потврди еден од најстарите и најважните сојузи на Америка во Пацификот“ и изјави дека двете земји ќе ја прошират својата одбранбена соработка.

„Америка стои зад филипинскиот народ. Нашиот сојуз никогаш не бил подобар“, изјави Трамп.