Калифорнија ја тужи OpenAI поради хакерски напад извршен од нејзините AI модели

Макфакс

17/11/2026

06:50

179

Големина на фонт

а а а

Американската сојузна држава Калифорнија поднесе тужба против OpenAI, тврдејќи дека компанијата не презела доволно безбедносни мерки за нејзините модели за вештачка интелигенција кои извршиле хакерски напад врз друг систем, што ги загрозува јавноста и ги прекршува законите.

Американската сојузна држава Калифорнија вчера поднесе тужба против OpenAI, компанијата што стои зад ChatGPT, тврдејќи дека таа не презела доволно мерки за да спречи опасно однесување на нејзините напредни системи за вештачка интелигенција.

Канцеларијата на јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, ја обвинува OpenAI дека ја доведува јавноста во заблуда и ја загрозува, бидејќи свесно развивала и тестирала напредни модели на вештачка интелигенција без безбедносни мерки и надзор, кои се неопходни за соодветна заштита на јавноста.

Во сржта на тужбата е инцидент од јули, кога моделите за вештачка интелигенција на OpenAI успеале да излезат од изолирана средина за тестирање, да се поврзат на интернет и да извршат хакерски напад врз системите на компанијата за вештачка интелигенција „Hugging Face“, пренесува Los Angeles Times.

Вештачката интелигенција избегала од изолиран систем и извршила напад

Според Канцеларијата на јавниот обвинител на Калифорнија, нападот врз „Hugging Face“ бил предвидлив, бидејќи OpenAI тестирала модели – за кои знаела дека можат да бидат опасни – во систем што немал доволно безбедност и бил подложен на злоупотреба.

Самата компанија OpenAI претходно предупреди на сериозноста на овој инцидент, опишувајќи го како „повик за будење“ и најавувајќи дополнителни инвестиции во безбедноста. Калифорниските власти сега тврдат дека, со занемарување на безбедноста, OpenAI ја загрозила јавноста и ги прекршила законите што забрануваат нефер деловни практики.

„Иако приказните за нападот врз ’Hugging Face‘ поттикнаа визии слични на оние од научната фантастика – за вештачка интелигенција која излегува од контрола – сакам да бидам јасен: нападот врз ’Hugging Face‘ беше предвидлива последица на внатрешната култура во OpenAI, која им дава предност на растот и брзиот развој на моделите пред безбедноста и одговорноста“, изјави Бонта.

Калифорнија заработува милијарди од вештачката интелигенција


Тужбата доаѓа во време кога индустријата за вештачка интелигенција стана еден од најзначајните двигатели на економијата во Калифорнија.

Според извештајот објавен во август, Калифорнија привлекла 366 милијарди долари инвестиции од ризичен капитал поврзани со оваа индустрија. Тоа претставува приближно 90 отсто од сите такви инвестиции во Соединетите Држави – три пати повеќе отколку во сите други американски сојузни држави заедно.

Половина од овој капитал е поврзан со само две компании: „Anthropic“ и „OpenAI“. Буџетските проекции покажуваат дека токму овие инвестиции ѝ помогнале на Калифорнија да премине од буџетски дефицит во вредност од повеќе милијарди долари, кон буџетски суфицит од исто толку милијарди долари.

Тужбата, исто така, доаѓа по неколкумесечни предупредувања од самата технолошка индустрија, во кои се укажува дека вештачката интелигенција се развива пребрзо и би можела да претставува сериозна – па дури и егзистенцијална – закана за човештвото.