Народниот театар Битола го прослави својот 82. роденден со премиерата на претставата „Кориолан“ на Шекспир и стоечки овации од публиката. Фестивалот носи уште пет претстави од различни земји, а за првпат репертоарот ќе биде достапен преку live streaming, овозможувајќи пошироко следење.
Со премиерата на матична сцена на претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, со која се отвори 12. издание на Битола Шекспир Фестивалот, Народниот театар Битола одбележа 82 години постоење, континуирана уметничка дејност и посветеност на театарската уметност, воедно започна ново поглавје во својата богата театарска приказна.
Тоа беше вечер исполнета со свеченост, уметност и почит кон театарската традиција, која продолжува да се надградува преку нови сценски остварувања и меѓународна соработка. Како најстар театар во Македонија, зад НТБ се осум децении исполнети со значајни сценски остварувања, уметнички предизвици, творечки процеси и генерации кои со својата работа го граделе угледот и идентитетот на оваа институција. После премиерата на Охридско лето, светската премиера на Верона Фринџ Шекспир Фестивалот во Италија, изведбата во прекрасниот антички амфитеатар во Бутринт, Саранда, на јубилејното, 10-то издание на фестивалот „Магични ноќи во Бутринт“, потоа на East Direction фестивалот во Бјалисток, Полска, оваа претстава беше изведена на задоволство на публиката, во Битолскиот театар, а задоволството од истата, публиката го награди со долготрајни аплаузи и стоечки овации.
Истиот ден, по повод роденденот, директорот Васко Мавровски и дел од колективот на Народниот театар Битола положија свежо цвеќе пред споменикот на театарот, во знак на почит кон неговата богата историја, традиција и сите генерации кои го создавале и го одржувале неговиот континуитет. 82 години традиција, одговорност и посветеност на уметноста. Продолжуваат да ја негуваат театарската традиција, да создават современи сценски остварувања и да ја оправдуваат довербата на публиката, со свест за одговорноста што ја носи институција со вакво историско и културно значење
Покрај „Кориолан“ во програмата на Шекспир фестивалот, се уште пет претстави кои доаѓаат од Италија, Грузија, Ерменија, Романија и Малта. Првото гостување е од Италија, „Шекспир во песна“, во режија и изведба на Даниел Запи, која ќе се изведе на 17.11.2026 на Новата сцена, со почеток од 20 часот. Следува „Макбет“, на 19.11.2026, во режија на Елиот Хакстабл, во изведба на Државниот камерен театар од Ерменија, „Ричард III. човекот“ на театарот Тони Буландра од Романија, „Бура“ на Државниот театар Поти од Грузија и „Перикле среде морето“ на театарот од Малта.
Во програмата е и театарска работилница за деца, која ќе ја води Билјана Крајчевска, која е посветена на Шекспир. Цела програма е фокусирана на едно дружење со Шекспир, промоција на македонската култура, македонскиот театар и истовремено презентација на тоа што се случува надвор од Македонија, а е поврзано со Шекспир.
Покрај сето ова Народниот театар Битола отвора ново поглавје во својата комуникација со публиката. За првпат, репертоарот ќе биде достапен и преку LIVE STREAMING, овозможувајќи им на битолчаните и Македонците ширум светот да ги следат претставите во живо, директно од сцената на најстариот театар во Македонија.
















