Новите фотографии на легендарниот актер Мајкл Џеј Фокс трогнаа, но и растажија бројни обожаватели ширум светот. Ѕвездата на филмскиот серијал „Враќање во иднината“ се појави на црвениот килим во Њујорк, во придружба на сопругата Трејси Полан и нивните три ќерки.
Иако актерот на фотографиите позирал со насмевка, неговиот изглед и долгогодишната борба со тешката болест повторно ја потсетија јавноста на здравствените предизвици со кои се соочува.
Фокс (65) на 14 ноември присуствувал на хуманитарна гала-вечер организирана од неговата фондација „Michael J. Fox Foundation“, која веќе 26 години собира средства за истражување на Паркинсоновата болест.
Станува збор за настанот „A Funny Thing Happened on the Way to Cure Parkinson’s“, кој се одржа во њујоршкиот хотел „Валдорф Асторија“.
Покрај него цело време била неговата сопруга Трејси, со која е во брак од 1988 година, како и нивните ќерки Есме (25), Аквина и Скајлер (31).
Сите заедно позирале пред фотографите, а нивната блискост уште еднаш покажа колку многу му значи поддршката од најблиските.
Боледува од Паркинсонова болест
На Фокс му била дијагностицирана Паркинсонова болест уште во 1991 година, кога имал само 29 години. И покрај тешката дијагноза, актерот не се повлекол од јавноста, туку сопственото искуство го претворил во мотивација да им помага на другите кои се соочуваат со истата болест. Во 2000 година основал фондација која досега насочила повеќе од три милијарди долари за истражување на Паркинсоновата болест.

Неговата сопруга Трејси на гала-вечерта зборувала и за тоа како семејството се справува со предизвиците што ги носи болеста. Таа открила дека се трудат да живеат ден за ден и да се сосредоточат на она што е пред нив во дадениот момент.
„Мислам дека едноставно мора да живеете ден за ден. Мора да гледате на она што е пред вас и да останете присутни во моментот“, истакнала Трејси.
Актерот и неговата сопруга, покрај трите ќерки, го имаат и синот Сем (37), а семејството во текот на сите овие години останало негова најголема поддршка.

Иако Паркинсоновата болест одбележала голем дел од неговиот живот, Фокс не ја губи надежта. Во септември, во интервју за списанието „Пипл“, зборувал за напредокот на научните истражувања и изразил уверување дека еден ден ќе биде пронајден лек за оваа болест.
Неговото најново појавување во јавноста повторно предизвика силни емоции кај обожавателите, кои не го забораваат актерот чии улоги одбележаа генерации, но ниту неговата неверојатна храброст и посветеност во борбата против болеста.










