Франција воведе привремена забрана за продажба на пиротехнички средства поради серија насилни инциденти во училиштата, со цел да се заштитат наставниците и учениците од повреди. Забраната се однесува пред се на пиротехнички производи од категориите Ф2 и Ф3, а продолжуваат санкциите за насилството кон образовниот кадар.
Франција привремено ја забрани продажбата на одредени пиротехнички средства по серијата инциденти во кои беа повредени наставници, директори и припадници на полицијата.
Забраната, која ќе важи до 27 ноември, се однесува на пиротехничките средства од категориите Ф2 и Ф3, познати како „огнометни минофрлачи“. Уредбата е објавена денеска во Службениот весник, пренесе БФМ ТВ.
„Овие средства веќе не се користат за прослави, туку за нанесување повреди. Правото на протест е загарантирано, но право на повредување други лица не постои“, изјавил владин извор.
Одлуката доаѓа по неколку напади во кои овие пиротехнички средства биле употребени за време на демонстрации против припадници на безбедносните сили, но и во близина на училишта.
На почетокот на ноември, во департманот Вал-д’Оаз, од вакви средства биле повредени наставник и директор на училиште. Во изминатите денови биле регистрирани и нови инциденти во неколку средни училишта, со повеќе повредени.
Досега продажбата на овие средства била дозволена доколку се купуваат од овластени продавачи или со посебна дозвола, но нивната употреба на јавни места била строго забранета.
Пиротехниката од категоријата Ф4 и натаму ќе биде достапна, но исклучиво за професионални пиротехничари.
Француската влада претходно предупреди и на кривични санкции за оние што напаѓаат вработени во образовниот систем, по ескалацијата на насилството во и околу училиштата.
Во меѓувреме, во Франција во саботата се одржаа повеќе протести против високите трошоци за живот и предлог-законот за претпоставена законска употреба на оружје од страна на припадниците на безбедносните сили. На протестите имаше помалку учесници отколку на претходните собири, но беа забележани и одредени тензии. Нов протест е најавен за вторник.











