Израелската разузнавачка служба Мосад предупреди дека Иран наводно планирал атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп и други високи функционери со беспилотни летала наполнети со експлозив, што ја влошило можноста за постигнување договор меѓу САД и Иран.
Израелската разузнавачка служба Мосад доставила информации до американската ЦИА за наводни планови на Иран со беспилотни летала да ги нападне американскиот претседател Доналд Трамп и високи функционери од неговата администрација, објави израелскиот весник „Израел Хајом“, повикувајќи се на неименувани израелски и американски претставници.
Според весникот, Мосад ги предал разузнавачките податоци на Вашингтон откако претходно ги проверил, на барање на американските разузнавачки служби. Наводно, и уште една западна разузнавачка служба ги потврдила овие информации.
Еден од можните начини на напад, според наводите, биле дронови наполнети со експлозив, кои тешко би можеле да бидат спречени со вообичаените безбедносни мерки.
Објавата доаѓа во период кога, според израелските и американските извори на весникот, можноста за постигнување договор меѓу САД и Иран значително се намалила. Разузнавачките информации што Мосад ги доставил до ЦИА се посочуваат како една од главните причини за влошувањето на перспективите за договор.
По добивањето на предупредувањето, американските функционери за кои се проценува дека би можеле да бидат мета на напад наводно го намалиле присуството на јавни настани на отворено. Неколкумина привремено биле преместени од своите домови во обезбедени објекти, пишува „Израел Хајом“.
Дополнителни безбедносни мерки биле воведени и за јавните настапи на Трамп, вклучително и системи наменети за откривање и неутрализирање закани од беспилотни летала. Настаните на отворено, кои претходно биле почесто организирани, сега наводно се значително поретки.
Меѓу функционерите за кои се тврди дека се под засилена заштита се американскиот министер за финансии Скот Бесент и државниот секретар Марко Рубио. Според весникот, Бесент имал важна улога во одлуките за економските санкции против Иран, додека Рубио се противел на постигнување договор со Техеран.












