Рускиот претседател Владимир Путин раскажал виц за крадец, неговата сопруга и пари во ноќна масичка за време на состанокот во Кремљ со американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер, со цел да го илустрира она што тој го смета за контрадикторен став на ЕУ кон Киев.
Путин потсетил дека Москва повеќепати изјавила оти распоредувањето странски војници во Украина е неприфатливо за Русија. И покрај тоа, како што нагласил Путин, европските земји најавуваат дека имаат намера да испратат свои воени сили таму по завршувањето на конфликтот. Според него, таквиот потег би довел до повторно избувнување на војната.

Испраќањето европски војници значи продолжување на војната
Рускиот претседател исто така го критикувал Брисел, истакнувајќи дека во моментов одбива да разговара за европската безбедност во целина, претпочитајќи да се занимава со ова прашање дури откако ќе се постигне мир во Украина.
„Но, кога ќе се воспостави мир во Украина, тие имаат намера да испратат војници – а тоа значи продолжување на војната. Би се вратиле точно на почетокот“, предупредил Путин.
За дополнително да го објасни својот став, рускиот претседател одлучил да раскаже виц.
„Имаме еден многу стар виц на таа тема. Со оглед на моменталната ситуација, мислам дека е сосема соодветен. Да замислиме крадец кој изградил неколку викендички во близина на Киев и кого го повикуваат на испитување – да речеме, пред НАБУ (Националното антикорупциско биро на Украина)“, започнал Путин.
„Го прашуваат: ’Од каде ви се парите?‘ Тој одговара: ’Од ноќната масичка“ ’Добро, но кој ги ставил парите во ноќната масичка?‘ ’Мојата сопруга.‘ ’А од каде ѝ се парите на вашата сопруга?‘ ’Јас ѝ ги дадов.‘ ’А од каде ви се вам парите?‘ ’Од ноќната масичка‘ И така се вртиме во круг. Истото е и со Европејците“, рекол тој.

Јанукович раскажал речиси идентичен виц
Интересно е што тогашниот украински претседател Виктор Јанукович раскажал речиси идентичен виц на 27 ноември 2013 година, за време на интервју за украинските телевизиски станици. Јанукович го искористил овој виц одговарајќи на новинарски прашања за изворите на финансирање на државниот буџет за 2014 година.
Во неговата верзија на вицот, една жена ја прашале од каде ѝ се парите, а таа одговорила дека ги зема од ноќната масичка. Меѓутоа, не знаела да објасни кој ги оставил парите таму.

Со овој виц, Јанукович се обидел да објасни дека државната потрошувачка мора да биде усогласена со реалните буџетски приходи.











