Производството на прочуената Рубикова коцка, една од најпознатите и најпродаваните играчки во светот, се враќа во Унгарија, повеќе од половина век откако ја осмислил унгарскиот архитект, скулптор и професор Ерне Рубик.
Во градот Јасберењ е отворена нова, целосно автоматизирана производствена линија, на која е планирано годишно да се произведуваат по еден милион Рубикови коцки.
Изумот е осмислен во 1974 година
„Унгарија е татковината на коцката. Коцката се роди тука“, изјави 82-годишниот Рубик на церемонијата на отворањето на производствениот погон, пренесува „Associated Press“.
Од нејзиното создавање до денес се продадени повеќе од половина милијарда примероци од оваа сложувалка, која стана светски културен феномен и остана популарна меѓу генерации.

Рубик го осмислил својот изум во 1974 година, додека предавал дизајн на Академијата за применета уметност и дизајн во Будимпешта. Сакајќи да создаде тридимензионален предмет со речиси неограничен број комбинации, тој го изработил првиот прототип од дрво, составен од 27 помали коцки што можеле да се вртат околу повеќе оски.
Откако го препознал потенцијалот на својот изум, наскоро почнал да произведува повеќе примероци. Првите 5.000 коцки, тогаш познати под името „Магична коцка“, биле продадени во 1977 година во специјализирани продавници во унгарската престолнина.

„Не бевме подготвени …“
Популарноста на сложувалката набрзо ги надминала границите на Унгарија, но Рубик се соочил со тешкотии при набавката на материјали и организирањето на производството. Тогашната индустрија не можела да одговори на растечката светска побарувачка.
„Не бевме подготвени за производство во толкав обем. Не можевме да ја задоволиме побарувачката на светскиот пазар“, се присети Рубик.
Правата за производство и дистрибуција најпрво ѝ биле отстапени на британска, а потоа и на американска компанија за производство на играчки. По тоа, производството било преселено во странство.











