Македонската режисерка Тамара Котевска забележа нов меѓународен успех. Нејзиниот филм „Приказната за Силјан“ ја освои наградата „Гриерсон“ за најдобар кино-документарец на 54. издание на престижните британски документарни награди.
Признанието беше доделено на церемонијата во Лондон на 10 ноември, а веста за успехот е соопштена и во денешното соопштение од тимот на филмот. Наградите „Гриерсон“ често се опишуваат како „британски Оскари“ за документаристика.
Уште едно признание за македонската документаристика
На официјалната листа на добитници „Приказната за Силјан“ е наведен во категоријата „Sky Documentaries Best Cinema Documentary“. Филмот е дело на „Concordia Studio“, „The Corner Shop“ и „Ciconia Film“ за „National Geographic“, додека „Dogwoof“ е негов меѓународен дистрибутер.

Наградите се основани во 1972 година и го носат името на шкотскиот филмски пионер Џон Гриерсон. Тие ги наградуваат документарните остварувања што се издвојуваат по квалитет, оригиналност, креативност и придонес кон жанрот.
Новото признание доаѓа по успехот на Котевска со „Медена земја“, филмот што во 2020 година доби две номинации за Оскар, како и по неодамнешното признание на „Приказната за Силјан“ на „Wildscreen Panda Awards“, познати како „Зелени Оскари“.
Котевска „Овој филм го носи моето срце“
По наградата режисерката ја истакна личната поврзаност со филмот и очекувањето дека неговиот меѓународен пат ќе продолжи со нови признанија.
„Вредноста на ‘Приказната за Силјан’ продолжува да се потврдува и по цела една година исполнета со награди, а ние очекуваме уште многу нови признанија и во наредниот период. Искрено, немам и што повеќе да кажам со зборови, освен дека овој филм го носи моето срце и целата моја страст кон седмата уметност“, изјави Котевска во доставеното соопштение.

„Приказната за Силјан“ ја следи врската меѓу земјоделецот Никола и повредениот штрк Силјан. Преку нивното необично пријателство филмот отвора теми за семејството, заминувањето и односот на човекот со природата.









