Виетнамското кафе со изматена жолчка од јајце и кондензирано млеко, познато како „ca phe trung“, повторно е во тренд, иако се консумира уште од 40-тите години на минатиот век.
По афогатото, еспресо мартини и бројните варијации со растително млеко, на социјалните мрежи повторно се зборува за кафето со јајце. Иако многумина го сметаат за нов вирален тренд, станува збор за пијалак кој во Виетнам е познат со децении, пишува „Метро“.

Кафето „ca phe trung“ се подготвува така што жолчката од јајце се мати со засладено кондензирано млеко додека не се добие густа пена. Потоа пената со лажица се става врз силно црно кафе. Кафето традиционално се подготвува во „phin“, мал виетнамски метален филтер. Најчесто се користи кафе од сортата робуста, бидејќи неговата горчина ја балансира сладоста на кондензираното млеко.
Се смета дека овој пијалак настанал во Ханој во 40-тите години на минатиот век, кога свежото млеко било тешко достапно. Барменот Нгуен Ван Занг, кој работел во хотелот „Метропол“, наместо млеко во кафето ставил изматени јајца. Пијалакот станал толку популарен што тој отворил сопствено кафуле, „Cafe Giang“, кое и денес е познато по кафето со јајце.

Како да го подготвите дома?
За една порција потребни се:
✅1 жолчка од јајце
✅2 лажици кондензирано млеко
✅60 до 90 мл свежо сварено силно кафе
✅Неколку капки екстракт од ванила (по желба)
✅Какао или цимет за посипување (по желба)
Подгответе мала шолја силно црно кафе или двојно еспресо. Одвојте ја жолчката од белката, ставете ја во сад со кондензираното млеко и матете со електричен миксер три до пет минути, додека смесата не стане густа и пенеста. Истурете го топлото кафе во шолја, а одозгора со лажица додајте ја изматената смеса.
Топлото кафе термички не ја обработува жолчката целосно, па затоа за оние кои избегнуваат сирови јајца, подобро решение е да користат пастеризирана жолчка.
Каков вкус има?
Жолчката е богата со масти и протеини, па кога ќе се измати со кондензирано млеко, се добива свиленкаста пена која потсетува на мус. Ванилата го ублажува мирисот на јајцето и ја балансира горчината на кафето. Комбинацијата од горчливо кафе и сладок слој одозгора создава густа, кремаста текстура, без вкус што потсетува на кајгана.

Колумнистот на „Метро“, Робертсон Бакхејвен, го подготвил ова кафе дома и признал дека постапката не била едноставна. Со апарат за правење пена од млеко му биле потребни 20 минути за да ја добие посакуваната пена, а кафето дотогаш веќе се изладило.
Сепак, тој вели дека би го нарачал во кафуле, бидејќи вкусот е многу примамлив и навистина потсетува на тирамису.













